Ќе се гради нова градинка за 180 дечиња во Кисела Вода  

813

На територијата на општина Кисела Вода, во урбаната заедница „11 Октомври“-згради ќе се гради нова детска градинка. Изградбата на градинката е внесена во предлог развојната програма која доби зелено светло од советниците на општина Кисела Вода.

Предлогот за нова градинка дојде од градоначалникот Филип Темелковски со цел да се задоволат барањата на родители од овој урбан дел од општината за упис на нивните дечиња во градинка.

– Градинката ќе се гради со буџетски средства од општината во максимален износ до 50 милиони денари. За оваа година предвидени се пет милиони денари, за следната 25 милиони, а за 2021 година се предвидени 20 милиони денари –  информираат од општина Кисела Вода.

Според општинските власти, во согласност со изработениот основен проект предвидено е градинката да содржи подрум, приземје и кат со вкупен капацитет од 180 деца, поделени во шест простории, од кои две се јасли и четири стандардни занимални за повозрасни деца.

Воедно, ќе има дистрибутивна и млечна кујна, ќе има просторија за воспитувачи, гардероба за вработени, перална, просторија за лекари просторија за управител. Исто така, предвидени се два влеза во објектот, паркинг за службени возила како и санитарни јазли сместени меѓу занималните.

Градинката ќе има вкупно 1.269,36 квадратни метри бруто или 1.055,98 квадрати нето површина и влезни тераси од 21,28 квадратни метри.

По завршување на тендерската процедура ќе се знае која фирма ќе ја гради и за која цена, а истата се очекува да започне по добивање на правосилно одобрение за градење.

На годишно ниво бројот на деца кои се наоѓаат на листа за чекање за упис во градинките во Кисела Вода се движи од 650 до 700 деца.

Со преземањето на функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода, на иницијатива на Темелковски беше извршена обнова во објектите на двете детски јавни градинки: „Весели цветови“ и „8-ми Март“.

 (А.П.)