Ќе може ли унгарскиот кредит да се користи од следната недела?

Експертите и стопанствениците сметаат дека ќе се најде заедничко решение и оти банките ќе се откажат од дел од профитите и ќе им помогнат на компаниите. Тие се согласни дека Владата избрза за унгарскиот кредит пред да ги договори деталите. Парите веќе се на сметка, каматите течат, а компаниите никако да дојдат до нив. Иако банките засега официјално не излегуваат со став по кои услови би ги делеле кредитите, според неофицијалните информации, тие сакаат да наплатат над 3 отсто трошоци, со што каматната стапка од 3,25 проценти би дошла на речиси 6,5 отсто. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ставовите се доближени и очекува до крајот на оваа или почетокот на следната недела конечно да бидат прецизираат условите во однос на каматите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, и парите да бидат ставени во функција

1094

Ако банките и Владата не постигнат договор трошоците за кредитите на фирмите ќе паднат на грбот на граѓаните. Последната вест од викендот е дека во однос на каматата сè уште не е постигнат договорот, а во однос на рочноста договорено е да се даде можност, во зависност од барање на клиентите, да се користи одложен период за отплата до три години и вкупен период на отплата до 15 години. Експертите и стопанствениците сметаат дека ќе се најде заедничко решение и оти банките ќе се откажат од дел од профитите и ќе им помогнат на компаниите. Тие се согласни дека Владата избрза за унгарскиот кредит пред да ги договори деталите. Парите веќе се на сметка, каматите течат, а компаниите никако да дојдат до нив.

Иако банките засега официјално не излегуваат со став по кои услови би ги делеле кредитите, според неофицијалните информации, тие сакаат да наплатат над 3 отсто трошоци, со што каматната стапка од 3,25 проценти би дошла на речиси 6,5 отсто.

-Мислам дека ќе се најде заедничко решение и за каматата, како што се најде решение за грејс-периодот и за рокот на отплата. Владата нема друга можност, освен Македонска банка за поддршка на развој која нема толкав кадровски потенцијал да изврши проверка на толкав број на инвестициски проекти за кратко време. Банките се специјализирани за ова имаат доволно кадровски потенцијал и сум сигурен дека износот на евентуално спорните и невратени кредити ќе биде многу помал ако кредитите се одобрени преку комерцијалните банки. Во минатото имавме многу негативно искуство со тајванскиот кредит кога средствата директно се делеа од страна на Владата. Огромен број од ваквите кредити не беа вратени од страна на компаниите и мораше кредитот да го врати Владата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, стопанственик.

Тој смета дека и покрај тоа што улогата на комерцијалните банки е да работат и да создаваат профит, сепак имаат доволно можности да се откажат од дел од профитот и на тој начин да му помогнат на бизнисот.

И претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, смета дека ако каматата е 3,25 отсто, банката не може да бара баснословна провизија. Тоа ќе биде во рамките на очекувањата на бизнисот. Тој смета дека заеднички, банките со смалување на редовните каматни стапки и државата со оваа помош ќе му помогнат на бизнисот.

-Парите се и повеќе од потребни за закрепнување на стопанството. На таков начин ќе се помогне на стопанството за да се преброди овој период до почетокот на другата година, кога имаме сериозна обврска за враќање на еврообврзницата за што се резервирани пари и нема да се подјадуваат капиталните инвестиции со ребалансот на буџетот, туку ќе се искористат баш за бизнисот, изјави Азески.

Ако не се постигне договор влада-банки, граѓаните ќе покриваат кредити на профитабилни фирми, предвидува економски аналитичар Бранимир Јовановиќ.

-Се чини дека трошоците ќе паднат на товар на буџетот, односно дека граѓаните на крајот ќе ја платат цената. Мислам дека тоа е лоша опција, затоа што граѓаните ќе даваат пари за кредити на фирми кои можеби и се сомнителни. Не знаеме какви фирми ќе бидат поддржувани, не знаеме како ќе се спроведува со оглед на тоа што сè е поставено наопаку, постојат големи ризици тие кредити да завршат кај фирми кои се блиски до власта, вели во телевизиска изјава Јовановиќ.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на оваа или почетокот на следната недела конечно да бидат прецизираат условите во однос на каматите под кои бизнис-секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, и парите да бидат ставени во функција.

-Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела во Министерството за финансии ќе има поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и со гувернерката на Централната банка. Очекувам до крајот на оваа и почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Инаку, се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најниски услови што во овој момент можат да се најдат каде било во светот, рече премиерот Мицкоски.

По средбата со Македонската банкарска асоцијација, рече дека во однос на каматата уште ќе се преговара.

-Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина, веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите, рече Мицкоски.

Претходно министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека средствата од унгарскиот заем се на сметка.

– Имаме буџетски суфицит на сметката, а тоа остава и простор за помало задолжување на домашниот пазар од планираното. Очекувам дека ќе почне реализацијата на проектите и дека до  крајот на декември ќе се користат и средствата од заемот, а она што нема да се искористи ќе значи дека буџетскиот дефицит ќе се реализира во помал износ и ќе се пренесе поголемо салдо на буџетската сметка за наредната година. Имено, со ребалансот е предвидено да се пренесе салдо од 502 милиони евра – рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Македонската влада го доби овој кредит од Унгарската експорт-импорт приватна банка со камата од 3,25 проценти, грејс-период од 3 години и рок на отплата 15 години. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. Преку банките, Владата инсистираше да се пласира кредитот со иста камата како што е добиен унгарскиот заем – 3,25 проценти. Но, потоа на површина исплива дека таа стапка е само привид, а дека со вкупните трошоци достигнува 6,5 проценти. Владата најави субвенционирање на каматата, но побара од банките и тие да учествуваат во субвенционирањето.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ