Што се гради на просторот кај поранешна Алумина?

Од Општина Карпош, на чија територија се наоѓа локацијата, велат дека по претходна пријава општински градежен инспектор излегол на терен на посочената локација, при што било утврдено дека на приватно земјиште се извршуваат активности без одобрение од општината и по нивното укажување, активностите се запрени. Оттаму додаваат дека станува збор за локација чиј сопственик е „Пуцко петрол“

999

Граѓани деновиве на социјалните мрежи споделуваат фотографии на кои може да се види дека на просторот на поранешната фабрика „Алумина“ се гради нешто. Станари од околните згради прашуваат за што всушност се работи, што се гради во заградениот простор со тараби и кој презема градежни активности?

Од Општина Карпош, на чија територија се наоѓа локацијата, велат дека по претходна пријава општински градежен инспектор излегол на терен на посочената локација, при што било утврдено дека на приватно земјиште се извршуваат активности без одобрение од општината.

– По укажување на општинските инспектори сопрени се активностите. Ако не се почитува предупредувањето на инспекторатот ќе бидат преземени соодветни чекори за спречување на било какви градежни активности – децидни се од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека станува збор за локација чиј сопственик е „Пуцко петрол“.

– Дел од локацијата е бетонирана, но нема индиции дека ќе се дига нешто нагоре. Тоа било направено за да не создава кал – истакнаа од Општина Карпош, но и тие не знаат точно каква им била намерата.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, не сакаше да коментира на прашањето што се гради на просторот кај „Алумина“, само кажа дека станува збор за приватно земјиште.

„Пуцко петрол“ требаше да гради бензинска пумпа спроти базенот „Карпош“, а тоа беше дозволено со ДУП за Градска четврт 3.04, Блок 3 04.05.  Но, Уставниот суд деновиве поведе постапка за оценување на уставноста, но и законитоста на овој ДУП и донесе времена мерка да не се преземаат какви било дејствија и да се запре извршувањето на поединечни акти се додека не се донесе конечна одлука.

– Уставниот суд во оваа фаза оцени дека тој ДУП не е во согласност со ГУП на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото – сметаат од оваа институција.

На 3 март лани со 16 гласови „за“ од советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ, Советот на Општина Карпош го усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05. Против планот беа советниците од „Независни за Карпош“ и од Левица, кои не ни присуствуваа на вонредната седница на која единствена точка на дневен ред беше усвојување на ДУП-от. Претставници на движењето Независни за Карпош тогаш остро реагираа на процедурата во која се носеше ДУП-от, потенцирајќи дека бензинска пумпа на тоа место, во заштитна зона на бунарски систем и во близина на гасоводна траса, не смее да има.

– Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал, а чувството е дека утре ќе се случи токму тоа –  рекоа тогаш од движењето во нивната реакција.

Со ДУП-от на празниот простор пред ВИП Арена „Борис Трајковски“, паралелно со булеварот „8 Септември“ се предвидува бензинска пумпа, како и нова улица која ќе минува покрај терасата на базенот. Земјиштето за изградба на бензинската пумпа веќе е продадено на фирмата „Пуцко петрол“ и поради тоа градоначалникот Стевчо Јакимовски тврдеше дека мора итно да се донесе планот, во спротивно Општината ќе биде тужена.

За овој план Јакимовски се скара и со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, само неколку месеци откако дојдоа на функција, велејќи дека не му се јавува и го кочи донесувањето на планот, а на Општината ѝ се заканува тужба.

Спорниот ДУП беше донесен во 2016 година кога градоначалник беше актуелниот, Стевчо Јакимовски. Локацијата тогаш за првпат добива намена за изградба на бензинска пумпа, иако според Генералниот урбанистички план таму не смее да се гради таков објект, бидејќи во близина треба да поминува гасовод, ризичен инфраструктурен потфат.

Истата година општината одлучи локацијата да ја понуди на јавна лицитација. На наддавањето учествуваа пет компании и победи компанијата „Пуцко петрол“, која за земјиштето понуди 2,5 милиони евра. Но, компанијата тогаш не побара дозвола за градба на бензинска пумпа, бидејќи МВР не смее да издаде согласност од безбедносни причини.

(А.П.)