Штајнмаер доби баклава и мед, а ние задача да го смениме Уставот!

Иако германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер со мед и баклава ја заврши првата официјална посета на Македонија, со пораките во своите обраќања тој јасно стави до знаење дека целта на неговото доаѓање во земјава не беше да ги искуси убавините на балканскиот бисер, туку како еден голем европски политички авторитет да ја спроведе агендата на Берлин и Брисел за отварање на Уставот и внес на Бугарите во преамбулата. Бугарските медиуми експресно анализираа дека Штајнмаер дошол да ја притисне Македонија да го смени Уставот и во него да ги вметне Бугарите.

89

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер со мед и баклава ја заврши првата официјална посета на Македонија. Заедно со неговиот домаќин, македонскиот претседател Стево Пендаровски, Штајнмаер утрово посети работилница за филиграни во Старата скопска чаршија, каде се запознаа со изработката на накит и експонати на македонски рубин. Дождот не ги спречи двајцата претседатели да прошетаат низ чаршијата и потоа во кафе бар во ориентален стил да се напијат чај, а во духот на македонското гостопримство беа послужени и со домашно подготвена баклава. Штајнмаер и Пендаровски ја завршија обиколката во Старата скопска чаршија во Чифте амам каде се сретнаа со екипата на македонскиот документарен филм „Медена земја“ и неговата главна протагонистка Атиџе Муратова. Како што пренесе Дојче веле, Атиџе му подари од својот мед на германскиот претседател.

– Ако ги сакате пчелите, тие ќе ви возвратат, му ја објасни Атиџе својата врска со пчелите на германскиот претседател, на што Штајнмајер одговори со подарок мед од негово производство од замокот Белви кај Берлин.

Претходната вечер, по повод официјалната посета на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, беше приредена гала вечера, на која присуствуваа претставници од државниот врв, пратеници, претставници од политичките партии, како и стопанственици од бизнис секторот коишто остваруваат економска соработка со германската држава. Тука Штајнмаер имаше можност да ја проба и македонската традиционална кујна и со комплетен впечаток да си замине од својата прва официјална посета на Македонија, иако е јасно дека целта на неговото доаѓање во земјава не беше да ги искуси убавините на балканскиот бисер, туку како еден голем европски политички авторитет да ја спроведе агендата на Берлин и Брисел за отварање на Уставот и внес на Бугарите во преамбулата.

Бугарските медиуми експресно анализираа дека Штајнмаер дошол да ја притисне Македонија да го смени Уставот и во него да ги вметне Бугарите.

-Претседателот на Германија ја повика РСМ да ја признае бугарската етничка заедница во Македонија. Кандидатурата на РСМ за членство е попречена од спорот со Бугарија, кој може да го блокира проширувањето на ЕУ – процес кој бара едногласна согласност од сите земји-членки. Предмет на спорот е историјата и културното наследство. За да се реши тоа, Македонија се обврза да го промени својот устав, признавајќи го постоењето на етнички Бугари во земјата, пишува БГНЕС за пораките на Штајнмаер и потсетува дека „пред да се појават несогласувањата со Бугарија, Македонија реши уште еден спор – со Грција, која исто така се закани да ја попречи нејзината кандидатура за членство во ЕУ“.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска ја оцени посетата на Штајнмаер како исклучително значајна со оглед на значењето на Германија како земја членка на Европската унија, како една од најсилните економии и како држава од која зависат многу процеси во Европа.

-Кој можеше да претпостави дека германски претседател во Собранието ќе ги цитира Блаже Конески и Петре М. Андреевски. Беше многу јасно кажано дека македонскиот јазик и идентитет се добредојдени да го збогатат европското семејство, европската култура и идентитет со нашиот македонски идентитет, изјави премиерот Ковачевски.

Ковачевски рече дека пораката на Штајнмаер беше многу силна за сите пратеници во Собранието и повтори дека не треба самите себе да се кочиме на патот кон полноправно членство во ЕУ.

-Сите пратеници во Собранието тоа го должат на граѓаните, не само на нашата генерација туку и на идните генерации, бидејќи тие заслужуваат да живеат во европска држава, но во своја држава, а не во европска држава туѓина, каде ќе бараат подобар живот. Мојата порака е дека сите политички партии, сите пратеници во Парламентот имаат обврска пред граѓаните да ги носат одлуките кои се пред нас, кои ќе ни овозможат што побрзо зачленување во ЕУ, изјави македонскиот премиер.

За време на дводневната посета во Македонија, шефот на германската држава имаше средби со неговиот домаќин, претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, а се обрати и пред пратениците во Собранието. Штајнмаер порача дека Македонија се наоѓа пред важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области. Германскиот претседател рече дека е свесен дека патот до ЕУ е сè освен лесен и дека Македонија била соочена со тешкотии и довербата на македонските граѓани кон ЕУ е оптоварена, но на македонските пратеници и граѓаните им порача да не скршнуваат на последните метри. За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор, рече Штајнмаер и порача дека земјава истовремено треба да продолжи и со внатрешниот реформски процес.

Пред точно еден месец и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше во Македонија на средби со државниот врв и изрази уверување дека ќе се постигне мнозинство и уставните измени ќе бидат изгласани.

Ова е прва официјална посета на Штајнмаер на Македонија и прва на германски претседател после скоро 15 години. Од Скопје, германскиот претседател заминува во посета на Албанија. (В.С.Н.)