Шилегов се сретна со градоначалникот на Нирнберг, Улрих Мали 

131

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска оствари средба со делегација од збратимениот град Нирнберг (СР Германија), предводена од градоначалникот Улрих Мали (Ulrich Maly).

На средбата градоначалниците дискутираа за досегашната соработка меѓу двата збратимени града и истата ја оценија како одлична, каде што се реализирани голем број  проекти и активности  во областа на културата, младинската и спортската размена, противпожарната заштита и животната средина.

Ова е повратна средба на градоначалникот Мали, откако минатата година градоначалникот Шилегов беше во дводневна работна посета на Нирнберг каде што Градот Скопје учествуваше на 14-от Безграничен фестивал на збратимени градови.

Минатата година делегација од Градот Нирнберг беше во посета на Град Скопје и донираше плоча и дрво од видот Гинко, кое беше симболично засадено на локацијата од која беше отстранет диво поставениот споменик на Андон Лазов – Ќосето.

Делегацијата од Нирнберг денеска присуствуваа и на официјалното доделување на донација на градинката „8 Април“ во Општина Шуто Оризари, а подоцна делегацијата треба да ја посети и канцеларијата на „Урбана лабораторија на Скопје“ (Skopje Urban Living Lab) во  Старата скопска чаршија, која е отворена во рамките на европскиот проект „РОК“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK).

Соработката меѓу Скопје и Нирнберг датира од 1963 година, кога овој град се вклучи во помошта за Скопје по катастрофалниот земјотрес, додека официјалното потпишување на договорот за збратимување на Скопје и Нирнберг се случи во 1982 година.