Швајцарски „ДМ Бау АГ“ ќе вложи најмалку седум милиони евра и ќе отвори 200 работни места

Владата и швајцарската компанија „ДМ Бау АГ“ потпишаа договор за државна помош. Се работи за инвестиција од минимум 7 милиони евра, која ќе биде лоцирана во индустриската зона во Куманово и ќе отвори нови 200 работни места

35

Најмалку седум милиони евра и 200 нови работни места предвидува инвестицијата на швајцарската „ДМ Бау АГ“, за која вчера, во Владата, договор потпишаа премиерот Христијан Мицкоски и менаџерскиот тим на компанијата. Инвестицијата ќе се реализира во индустриската зона близу Куманово, а вклучува вложување во купување земјиште, целосна изградба на погони и нивно опремување со машини за производство на модуларни објекти со различна намена. Изградбата на планираните објекти треба да почне кон крајот на првата половина од 2025 година.

Според премиерот, планираната инвестиција ќе ја надмине првичната сума од најмалку седум милиони евра наведена во договорот.

„ДМ Бау интернешнал“ е дел од групацијата „ДМ Бау“, швајцарски производител на модуларни објекти со преку 100 години традиција.

– Покрај производство на вакви објекти, компанијата е и нивни изведувач. Обртот е неколку десетици милиони швајцарски франци, има повеќе од седумдесет вработени и 30-ина проекти годишно. „ДМ Бау“ е еден од најголемите европски производители во овој сегмент. Моментното производството се одвива на две локации во Швајцарија, а плановите за интернационализација и за зголемување на капацитетите „ДМ Бау“ одлучи да ги реализира преку Македонија – истакна Мицкоски.

„ДМ Бау“ ќе изгради голем комплекс составен од повеќе објекти за производство, монтажа и складирање, со вкупна површина 35 000 квадратни метри. За оваа цел, компанијата годинава купила 72.000 квадратни метри земјиште, каде што веќе се во тек подготвителни активности за инвестицијата.

– Ние сме швајцарска компанија, која се фокусира на префабрикувани дрвени конструкции и мошне внимателно размислувавме за нашето проширување. Внимателно проверувавме неколку различни места и можности за тоа каде може да ја прошириме компанијата и, конечно, навистина сме среќни што се појави Северна Македонија како место што го избравме и мислам дека досега сè течеше добро – дијалогот, отвореноста, пронаоѓањето решение. Тоа ни покажа дека нашата одлука е вистинската. Затоа, навистина со нетрпение очекуваме да почнеме со нашиот процес тука и сигурни сме дека заедно со вас можеме да изградиме успешна компанија во Северна Македонија. Исто така, ние сме и мошне горди што е нашиот проект во тек. Со нетрпение очекуваме да создадеме нови работни места, нови можности тука, во овој регион, како и да додадеме вредност кога станува збор за образованието и за едуцирањето за префабрикувани конструкции – истакнаа од менаџерскиот тим.

„ДМ Бау интернешнал“ е сопственост на лице со потекло од Македонија, кое работи во Швајцарија.

ИЗДВОЕНИ