Црно му се пишува на Шалке

64

Ако се суди според моменталната форма, тогаш црно му се пишува на германскиот бундеслигаш Шалке во првиот 1/8 финален дуел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони. Гордоста на Гелзенкирхен ја имаше таа “среќа” за противник да го добие актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Сити. Се освен убедлива победа на четата на Пеп Гвардиола, ќе биде дефинирано како вистинска сензација затоа што “граѓаните” мелат се пред себе, а Шалке веќе со недели не знае за победа во домашниот шампионат.

  • Искрено, со нетрпение ги очекуваме дуелите против Манчестер Сити. Ќе играме против атрактивен противник, но треба да уживаме во двата дуела. Нема да бидеме дополнително нервозни, затоа што сме аутсајдери. Ќе се обидеме да направиме едно големо изненадување, изјави предводникот на Шалке, Доменико Тедеско.

Далеку поголема неизвесност и борба до последниот судиски свиреж се очекува на “Ванда Метрополитано” каде фудбалерите на Атлетико (М) ќе се обидат да забележат позитивен резултат во првата меѓусебна пресметка против италијанскиот калчо гигант Јувентус.

  • Мислам дека сме во добра форма и сме подготвени психички за двата натпревара против Атлетико (М). Противникот игра агресивно, особено на домашен терен. Станува збор за тим кој со години бележи одлични резултати во Европа. Прво што треба да направиме е да постигнеме гол во Мадрид. Тоа ќе биде клучно кога е во прашање пласманот во следната рунда, изјави предводникот на “старата дама”, Масимилиано Алегри.