Задоцнети ваучери, задоцнети субвенции, зголемени долгови и недостиг од работници во туризмот ја одбележаа летната туристичка сезона. За туристичките работници ова е уште една лоша туристичка сезона која е далеку од успешна. Според нив, годинава беше малку подобра од лани, но многу полоша од 2019 година со двојно помал број чартер летови и со недостаток на 80 отсто од странските туристи кои ги имаа во 2019. Очекуваат зголемување на субвенциите за да можат да ги исполнат договорите со странските тур-оператори, да ги пополнат капацитетите и да ги покријат долговите кои ги направија во изминатите две години.
Туристичките работници велат дека ваучерите за туризам кој годинава се дадоа многу доцна немаа речиси никаков ефект врз туристичкиот сектор кој сè уште се соочува со големи загуби како последица од рестриктивните мерки поради короната.
– Ваучерите се дадоа многу доцна, незнам дали намерно или не, но немаа некој ефект за туристичкиот сектор. Можеби целта беше да се помогне социјалата. Граѓаните кои ги добијат ваучерите на крајот на летото ќе може да ги искористат за бања или за на планина. Ако ваучерите се дадеа во јуни, граѓаните ќе можеа да си ги планираат годишните одмори, а и ефектот врз туристичкиот сектор ќе беше поголем, вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.
Според него, наместо за ваучери за кои се трошат државни пари без никаков повратен ефект, подобро ќе биде да се зголемат субвенциите за странски туристи кои ќе имаат поголем ефект и врз туризмот и врз приходите во буџетот.
-Оваа година треба да се дадат повеќе субвенции во туризмот и да се вратат странските гости. Годинава ни недостасуваа 80 отсто од странските туристи кои ги имавме во 2019 година. Има најави за посета од странски туристи, веќе потпишуваме договори со странски тур-оператори, очекуваме зголемување на субвенциите за да може да ги исполниме договорите и да ги пополниме капацитетите. И покрај тоа што сè е покачено и наредната 2022 година цените на туристичките услуги за сместување, храна…ќе останат исти како во 2019 година, а целта е да вратиме гостите и да ги исполниме капацитетите, вели Блажевски.
Тој додава дека сместувачките капацитети пола година беа затворени и оти со неколку месеци туристичка сезона не се покриваат трошоците. И во 2022 година големите хотелски капацитети ќе имаат загуби.
Туристичките работници сметаат дека и покрај тоа што оваа сезона е малку подобра од ланската, поради олабавување на мерките, е далеку од добра ако се суди по бројките на домашни и странски гости. Тие се едногласни дека за да се вратат гостите поддршката мора да продолжи.
(А.С.)