Цензусот – најголем предизвик за претседателските избори: Покрај предизборна кампања, од 1 април се спрема и кампања за бојкот?

190

По петнасет години, гласањето за претседател првпат ќе се случи само со едно гласачко ливче, без притоа да бидат организирани локални или предвремени парламентарни избори како што беше случај во изминатите изборни циклуси. Кој ќе понесе одговорност и што ќе се случи ако цензус нема, и ако изборите за шеф на државата не донесат нов станар во вилата Водно?

Расположението за бојкот на помалите политички партии, на неопределените и разочараните од како што велат, слабата понуда на претседателски кандидати опасно го доведуваат во прашање исполнувањето на цензусот од 40% излезност за успешни претседателски избори. По петнасет години, гласањето за претседател првпат ќе се случи само со едно гласачко ливче, без притоа да бидат организирани локални, или предвремени парламентарни избори како што беше случај во изминатите изборни циклуси. Кој ќе понесе одговорност и што ќе се случи, ако цензус нема, и ако изборите за шеф на државата не донесат нов станар во вилата Водно?

Без да дадат поддршка за еден од кандидатите, или да предложат свој, помалите политички партии се на мислење да ги бојкотираат претседателските избори. Новоформираната Интегра, предводена од Љупчо Ристовски, не размислува за претседателските избори. Велат ќе дејствуваат самостојно, независно од сите, дека сами ќе го градат нивниот пат, но не предложија кандидат за овие претседателски избори. Интегра според раководството на партијата, настанала како резултат на погрешните политики на актуелните партии и лидери, со идеја да не остави СДСМ на власт, ниту па да го вратат ВМРО на власт.

Ристовски вели дека фокусот на неговата партија се парламентарните, а не претседателските избори.
Со сличен став е и партијата Единствена Македонија. Во изјава за весникот “ВЕЧЕР”, претседателот на партијата Јанко Бачев вели дека нема да поддржат ниту еден од претседателските кандидати, оти, како што вели, сите се под контрола на ист странски центар кои треба да го заокружат процесот на бришење на се што е македонско. Со контракампања која исто како изборната ќе започне на 1 април, ќе го повикуваат народот на бојкот на претседателските избори.

– Македонија веќе одлучи на референдумот на 30 септември и сега останува само да дојде народна легитимна власт, која ќе го отвори патот за поништување на договорот за промена на името како спротивен на домашното и меѓународното право. Што се однесува на претстојната кампања, која почнува на 1 април, размислуваме Единствена Македонија да води паралелна кампања низ Македонија наспроти кампањата на партијата “Погреб за Македонија” составена од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вели Бачев.

Иако најавуваа свои кандидати, неколку помали партии не ги предложија до Државната изборна комисија нивните фаворити за оваа изборна трка.
Таков беше случајот со ЛДП, каде што беше отворена процедурата за избор на претседателски кандидат, а како најсериозни кандидати се споменуваа поранешната пратеничка Ангелка Пеева и проф. Д-р Никола Пановски.
И од Сојузот на Ромите најавуваа кандидатура на пратеникот Амди Бајрам, но на крај партијата даде поддршка за претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.

Бидејќи упорно се актуелизира прашањето за цензусот, ред е со време да нотираме, нашиша на нејзиниот фејсбук-профил поранешната пратеничка од СДСМ, Софија Куновска.

– Ако 31 партија плус две-три кои премиерот најави дека ќе му се приклучеле, не обезбедат цензус за избор на претседател, тогаш одговорноста има една единствена адреса. Непотизмот и неисполнетите ветувања ќе ги “поразат” евроатланските перспективи, а власта на Зоран Заев ќе биде тотално делегитимирана.

Затоа наместо да се цртаат фото-роботи на виновниците, умно е некој конечно да се фати за работа, пишува Куновска во врска со опасноста за необезбедување цензус.

Ако во вториот круг нема цензус, членот 82 од Уставот наведува дека “во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието”. Во ваква ситуација собранискиот спикер Талат Џафери би бил и претседател на државата, ќе го води и парламентот, но нема да има право на глас како пратеник.

Во членот 81 од Уставот, пак се наведува и можноста ако и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, да се повтори целата изборна постапка, а речиси истото за ваквата ситуација е предвидено и во Изборниот законик.