Во вториот квартал од 2022, БДП се зголемил за 2,8 отсто на годишна основа. Овој раст е сличен на динамиката од 2021 година, но е под очекуваниот, остварен е во услови на нагласена неизвесност која произлегува од руско-украинскиот конфликт, како и во услови на забрзан раст на цените. Со оваа состојба е сврзан нискиот раст во преработувачката индустрија (1,5 отсто), како и продолжената стагнација кај градежништвото (0,2 проценти), се наведува во анализа на „Фајнанс тинк”
Од друга страна, како што се посочува во анализата, постпандемската консолидација продолжила со солидна динамика од 8,1 отсто кај трговијата, транспортот и кај хотелиерството.
Извозот и увозот ја задржале својата динамика од почетокот на годината, 14,7 отсто и 25,2 проценти, соодветно, додека бруто-инвестициите бележат изненадувачки висок раст (46,5 отсто), но тој е, веројатно, сврзан со акумулацијата на залихи во пресрет на растечката неизвесност на глобалната сцена, велат од макроекономскиот монитор на организацијата „Фајнанс тинк”.
Стабилниот пазар на труд и растот на платите, како што посочуваат, ја поддржале приватната потрошувачка, иако со благо забавен раст (4 отсто), додека јавната потрошувачка бележи силен пад од 7,2 проценти, што е во линија со несразмерната реализација на буџетскиот дефицит (една четвртина за половина година).
Невработеноста во вториот квартал од 2022 понатамошно благо се намалила, на 14,5 отсто од претходните 14,8 проценти (К1-2022). Благо подобрување бележи и вработеноста, од 47,1 отсто на 47,3 проценти, но нема особени знаци на значајно реактивирање на работоспособното население, кое се пасивизираше во текот на пандемијата, се наведува во анализата.
Според „Фајнанс тинк”, во вториот квартал од 2022, инфлацијата се искачила на 12,3 отсто на годишна основа. Овој раст на цените, како што додаваат, е скоро во целост движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и на енергијата, но тие се пренеле и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домувањето, транспортот и ресторанско-хотелските услуги.
Неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022 ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија од почетокот на идната година. И покрај намалувањето на цените на храната на глобалните пазари од јуни 2022, понатамошното зголемување на цените на енергенсите укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со претходните очекувања. Оттука „Фајнанс тинк“ надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2,1 отсто (од претходните 2,8 отсто), додека проекцијата за годишната стапка на инфлација – нагорно на 12,2 проценти (од претходните 9,7 проценти), се вели во анализата на „Фајнанс тинк”.