„Ученикот“ е насловот на претставата според делото на германскиот автор Mариус фон Маербург, а во режија и драматургија на Кирил Петрески, која на 25 декември (20 часот) премиерно ќе се одржи во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во претставата главната улога, Бенџамин Синклер ја толкува Зоран Иваноски, Ингрид Синклер – Марија Спиркоска-Илијеска, Вили Белфорд – Александар Тодески, Ерика Вајт – Лора Штарго, Маркус Диксон – Наум Ѓорѓиески, Отец Декстер Менрат – Димитар Паскоски, Лидија Вебер – Марија Талеска и Џорџ Хансен – Иво Јездиќ.
„Претставата ‘Ученикот’, според драмскиот текст ‘Маченик’ од Мариус фон Маербург, со кратки сцени, со филмски јазик, ги прикажува современите предизвици на младата генерација. Во време на екстремности политички, културолошки и социјални, една млада личност се спротивставува на противречностите на општеството. Својот начин на борба го одбира во религиозниот фанатизам. На тој пат, прво се судира со своето најблиско опкружување: со своето семејство, со професорите во училиштето, со учениците со кои учи. Новата генерација, генерацијата „Z“, барајќи се себеси во еден чудесен нов свет, којшто го изгубил својот центар, моралните вредности, семејството, религијата потполно незаштитена, изложена е на влијанија од сите страни. Таа станува лесна цел за манипулација и плен на фанатици од политичка, религиозна, квазиполитичка и квазирелигозна провениенција“, ќе рече режисерот Петрески. Тој додава дека губејќи ја врската со традицијата и семејството, оставена сама на себе, потполно неподготвена за она што ја очекува, ранлива и дезориентирана, оваа генерација стои изложена на нападите на потрошувачкото општество.
„Ова нè потсетува исто така, дека цивилизациските, индивидуалните, политичките придобивки како слобода и демократија не се засекогаш, дека ги земаме здраво за готово. Забораваме дека тие многу лесно можеме да ги изгубиме ако не ги браниме доволно храбро, доволно силно и дрско и бескомпромисно и со уште поголема вера во нив од оние што ја чекаат својата шанса да ни ги одземат“, додава Петрески, посочувајќи дека на претставата дополнителна енергија ѝ дава учеството на петте студенти од завршната година на ФДУ, кои се дел од актерската екипа на претставата.
Актерот Зоран Иваноски, кој го толкува ликот на „Ученикот“, посочи дека процесот на работа на оваа претстава бил краток, но како што додаде „позитивен, но и сложен и едноставен во исто време“.
„Ова не е смешна претстава, туку мрачна претстава за проблемите со кои се соочуваат нашите деца со образовниот процес, со религијата, за погрешни толкувања на нештата. И секој треба да се запраша која порака ја праќа за иднината и на луѓето околу себе. Ова е брутално реална претстава“, додаде Иваноски.
Според студентот Димитар Паскоски, убавината на овој процес на создавање на претставата би била во тоа што секој има слобода да твори на свој, односно на секаков начин, притоа и да посочи како би сакал да изгледа претставата.
„Баравме и учевме нови работи. Сметам дека ако сите процеси се вакви, и театрите ќе бидат подобри“, вели Паскоски.
Сценографијата е на Владо Ѓорески, костимографијата на Александар Џинго, а музиката на Серафим Чернит. (Д.Т.)