Успешно завршена крводарителска година во Кочани

48

Планот за крводарување во 2018 година во Кочани е реализиран 80 отсто, со што општинската организација на Црвениот крст е меѓу поуспешните во државата. Во рамки на доброволните акции, реализирани во изминатиот дванаесетмечен период, собрани се 1.004 единици со крв од сите крвни групи.

– Лани спроведовме вкупно 20 акции за крводарување, од кои 12 во нашите простории, а останатите на терен, односно во средните училишта и во јавните институции во општината. Освен тоа, во вкупниот број на собраните крвни единици ги вклучуваме и оние што педесетина наши сограѓани ги дарувале во болниците во Штип и Скопје. Задоволни сме од одѕивот на крводарителите, особено поради фактот што околу една четвртина од нив за првпат се вклучија во овие активности и очекуваме да станат редовни учесници, истакна Анета Коцева, секретар на Црвениот крст од Кочани.

Во општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево регистрирани се околу 700 поактивни крводарители, меѓу кои има и петмина рекордери кои крв дале над сто пати.