Општина Гевгелија најави дека од утре до среда на подрачјето на целата општина ќе биде извршено третото теренско прскање против комарци во соработка со Регионалниот центар за јавно здравје.

– На критичните места на територија на општината, од крајот на март до средината на април, беа извршени две ларвицидни прскања против комарци на површина од 10 хектари крај вода и водени пространства кои дадоа одлични резултати –  информираат од општината.

Третото теренско прскање ќе се врши во вечерните и раните утрински часови, поточно во периодот од 23 до 5 часот наутро поради што се предупредуваат пчеларите да преземат мерки за заштита на пчелните семејства.

Од општината најавуваат дека ќе следуваат и неколку авионски прскања против комарци кои годинава општината ќе ги организира самостојно, затоа што ефектите од заедничкото прскање со општините од југоистокот биле многу слаби на територијата на општина Гевгелија.