Во првиот квартал од наредната година ќе почне тргувањето со електрична енергија во евра. Од националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО велат дека ова е еден од клучните аспекти за успешно интегрирање на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар.

– На тој начин се отвора патот за пазарно спојување, познато како маркет каплинг (market coupling), со берзите на соседните земји и на членкитe на Европската Унија, што е, исто така, приоритет на кој посветено се работи за следните две години, заедно со можноста за воведување интрадневен пазар на електрична енергија – потенцираат од МЕМО.

За ова се дискутираше на состанокот на членовите на Одборот за организираниот пазар на електрична енергија, кои воедно се и учесници на Македонската берза на електрична енергија. Во моментот, 35 учесници секојдневно тргуваат на Македонската берза на електрична енергија, што е потврда за воспоставената сигурност и за релевантните цени за секој час од денот.

На состанокот на кој присуствуваше и управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, заедно со раководителот на Одделот на организираниот пазар на електрична енергија, Митко Огненоски, и со стручниот тим се дискутираше за актуелните теми поврзани со активностите на берзата на електрична енергија, согласно со прецизните планови за следните неколку години.

Македонската берза за струја е платформа на која се тргува струја по цени утврдени преку алгоритам, кој ги собира понудените количини мегавати и предложените цени за купување на тие мегават-часови.

Според последните податоци на МЕМО, во септември, на пазарот на електрична енергија се реализирани трансакции од сопствено производство во висина од 440 GWh, што е еднакво на трансакциите за вкупната потрошувачка на електрична енергија во нашата држава. Тука не се вклучени количините електрична енергија активирани на пазарот на балансна енергија, кој е управуван од АД МЕПСО.

Независните производители со 181 GWh учествуваат со најголем процент (42 %), потоа следува ЕСМ со 166 GWh (37 %), потоа виртуелните производители со 69 GWh (16 %) и повластените производители кои користат повластена тарифа на електрична енергија со 24 GWh, односно 5 %. Од сопственото производство, 66 % е продадено за задоволување на бруто-конзумот, односно 288 GWh, а 34 %, односно 151 GWh е деклариран извоз.

Бруто-конзумот, поточно вкупната потрошувачка на електрична енергија во Република Македонија, изнесува 440 GWh, каде што од сопственото производство се продадени 289 GWh, односно 65 %, а од увоз – 152 GWh, односно 34 %.

Од наведеното произлегува дека трансакциите на пазарот на електрична енергија од сопствено производство во целост ги задоволувале трансакциите на вкупната потрошувачка во нашата држава.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ