Том Брејди има повеќе настапи на Супербол отколку било кој НФЛ играч

84

Многумина ги оспоруваа, велеа дека се прочитана книга, дека нивната династија веќе ги мина најдобрите денови, но Том Брејди и неговиот тим – Њу Ингланд Патриотс, повторно ќе играат на натпреварот од Супербол.

Со победата над Канзас Сити со 37:31 по продолжение (31:31), „патриотите“ станаа претставници на АФЦ конференцијата во најголемото спортско случување во САД. Нивниот најдобар играч, Брејди, со 41 година по деветти пат се избори за Супербол во својата 19 – годишна кариера. Неверојатен е податокот дека тој сам има повеќе настапи во Супербол откако било која друга франшиза.

На полувремето, Њу Ингланд водеа со убедливи 14:0, но противникот се врати во вториот дел и се избори за продолжение. Сепак, паричката одлучи да им го додели првиот напад на „патриотите“, а тоа претежно значи и победа, па така, во првиот напад пресуди тачдаунот на Рекс Буркхед.

  • Штом видов дека паричката падна на наша страна, воздивнав. Тоа го имав видено уште од порано. Кога во продолжение ќе го добиевме првиот напад, тоа значи дека победата доаѓаше во наши раце. Впрочем, така и се случи, изјави еден од капитените на Њу Ингланд, Девин Мекарти.

Брејди и легендарниот тренер Бил Беличик, во Суперболот ќе играат против Лос Анџелес Ремс, меч кој е закажан за трети февруари во Атланта. Тие, исто така по продолжение беа подобри од Њу Орлеанс со 26:23. Ремс ќе се борат за четвртиот шампионски трофеј во НФЛ лигата, но само втори откако се игра Супербол, додека „патриотите“ итаат кон шестата титула. Сите пет досегашни ги освоија во ерата на Брејди и Беличик.