Пред неколку дена Јанис Адетокумбо даде изјава за американските медиуми која многумина ја протолкуваа како евентуално заминување од тимот на Милвоки.

Факт е дека тој сака да остане во тимот од Висконсин, но неодамна испрати порака дека сепак сака трофеј повеќе од се и дека ако не го најде кај Бакс, ќе го бара на друго место, односно со друг тим.

Може да се каже дека грчкиот кошаркар само сакаше да испрати порака до својата франшиза да биде посериозна во наредните години, но и дека не се задоволува само со една титула што ја освои во 2021 година.

Еден од најважните соиграчи на Јанис, Крис Мидлтон, не беше премногу изненаден од изјавите на Адетокумбо.

-Мислам дека тоа е нормална работа. Тоа не се однесува лично на мене и нема никакво влијание врз нашиот тим. Мислам дека тоа е нешто што тој го кажува речиси секоја година кога станува збор за продолжување на договорот. Го сакаме бидејќи е еден од најдобрите во светот. Тој е еден од најдобрите во историјата на франшизата. Кога кажува такви работи, мислам дека сака само да го предизвика тимот, организацијата и да не стави во позиција да ја освоиме титулата, изјави Крис Мидлтон.

Тој вели дека освен што врши притисок врз тимот, врши притисок и себеси да биде подобар и подобар.

Милвоки минатата сезона беше прв на Истокот и беше меѓу најголемите фаворити за титулата. На крајот, Бакс беа елиминирани од Мајами во првото коло од плејофот во кое Јанис не даде сто проценти од себе бидејќи се повреди.