На крилјата на Каваи Ленард, кошаркарите на Торонто ја освоија титулата во НБА лигата, а малкумина се оние кои знаат дека неговиот татко бил жртва на улично насилство.

Во тоа време, Марк Ленард работел во перална во познатата криминална област Комптон во Лос Анџелес и брзајќи да ја заврши смената се со цел да стигне на тренингот на својот син еден ден пред мечот, бил застрелан со четири куршуми и починал на лице место на само 43 години. Убиецот никогаш не бил пронајден.

Оваа шокантна вест младиот Ленард, кој во тоа време настапувал за средното училиште во Риверсајд, Калифорнија, ја дознал додека се подготвувал за училишниот натпревар. За оваа трагедија ниту самиот Ленард не сакал да зборува, бидејќи е познато дека Каваи важи за тивко и повлечено момче. Сепак, неговата мајка неколку пати во текот на годините ја откри оваа вест и додаде дека едвај заедно успеале да ја пребродат смртта на еден од најважните луѓе за успешната кариера на играчот на Торонто.

  • Мојот брат и јас бевме во колата, Каваи седеше позади и само кажа: „Тато е мртов“. Не забележав дека тоа го погоди во тој момент, се присети мајката на Ленард кога ја слушнале лошата вест.

И било чудно тоа што синот „ладно“ изреагирал за смртта не неговиот татко.

  • Сакав да ја видам неговата реакција. Му кажав: „Каваи, дали си добар? Дали си во ред?“. Мислам дека тагата ја држеше во себе. Бев исплашена. Тој беше важна фигура во неговиот живот. Тоа можеше да го однесе по лош пат, но сепак Каваи беше силен. Тој беше добро дете и секогаш сакаше да биде подобар и подобар, додаде неговата мајка.

Уште од тогаш се знаело дека Каваи ќе биде еден од најдобрите кошаркари во НБА лигата, а за неговиот неверојатен квалитет и талент која го поседувал најдобро говори изјавата на неговиот поранешен тренер од редовите на Сан Антонио, Грег Попович.

  • Мислам дека тој ќе биде голема ѕвезда. Како што минува времето, тој станува симбол на Сан Антонио. Одлично игра на двете страни на теренот, а можам да забележам дека тој се обидува да доминира на во секој поглед од кошаркарската игра. Доаѓа порано на тренинзи, останува последен во салата, па поради тоа лесно е да се работи со него, изјави Попович минатата сезона додека Каваи беше во редовите на „спарси“.

Ова не е единствена трагична приказна поврзана за Торонто. Покрај Ленард, без татко останал и Паскал Сиакам. Одличниот играч кој стана вистинско откритие сезонава остана без татко кога имал 20 години, откако загинал во сообраќајна несреќа. Исто така и Фред Ван Влит го загубил својот татко додека бил тинејџер. Фамилијарна трагедија му се случила и на Серж Ибака, откако како осумгодишен останал без мајка додека живеел во Конго.

Инаку, ова за екипата на Торонто е прва титула во НБА лигата, откако со 4-0 во победи беа подобри од минатогодишниот шампион Голден стејт во финалната серија. За најкорисен кошаркар (МВП) е прогласен токму Ленард.