Стојковски: Долгот кон приватните превозници е наследен, треба да се подмири, но да видиме колкав е реалниот долг

63

В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Александар Стојковски во интервју за МИА вели дека долгот кон приватните превозници го наследил кога стапил на функцијата пред шест месеци. Смета дека треба да се подмири, но најпрво да се утврди колкав е реалниот долг откако ќе заврши увидот направен од Финансиската полиција и Управата за јавни приходи.

– Со моето стапување на функцијата пред шест месеци во ЈСП, имаше долг кон приватните превозници. Во моето тековно работење, сите доспеани фактури што ни беа доставени од приватните превозници, се редовни исплаќани. Се работи за заостанат долг, којшто ние сакавме тековно пополека да го затвориме. Последната уплата е на 8 ноември. Последниот период направивме анализа, што мислам дека е обврска на секој директор кога ќе дојде да направи комплетна функционална и финансиска анализа на работењето на едно претпријатие. Дојдовме до сознанија дека последните пет години приватните превозници не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа е нивна обврска којашто е договорена односно јасен е член 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници, посочува Стојковски.

 

Во интервјуто што подолу е објавено во целост, Стојковски открива и зошто е раскинат договорот со „Макеспрес“. Ги отфрла како шпекулации информациите дека нема нафта за автобусите на ЈСП и тврди дека нема да има зголемување на цената на билетот без оглед на случувањата на глобално ниво со цената на нафтата.

– Категорично тврдам дека во ЈСП нема недостиг на нафта. Жал ми е што во последниов период има такви шпекулации и невистини по одредени портали и медиуми. Никогаш нема да биде ставено во опасност функционирањето на ЈСП  и опслужувањето на граѓаните во Град Скопје. Би сакал да напоменам дека без оглед на случувањата на глобално ниво со покачување на цената на нафтата, ЈСП не планира да направи корекции, односно покачување на цената на билетот, нагласува Стојковски.

Тврди дека автобусите на ЈСП се технички исправни и најавува нови вработувања за возачи поради одлив на кадар по основ на пензионирање.

Ветува и дека Скопјани ќе добијат бесплатен јавен превоз. Вели дека работите се ставени во мирување поради актуелната економска и енергетска криза, но дека се прават подготовки за да се реализира ветеното пред граѓаните на главниот град.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

ЈСП и Град Скопје тврдат дека нема долг кон приватните превозници. Од друга страна приватните превозници велат дека немаат средства, ниту можат да работат. Кога била последната исплата на ЈСП и за кој временски период? 

– Со моето стапување на функцијата пред шест месеци во ЈСП, имаше долг кон приватните превозници. Во моето тековно работење, сите доспеани фактури што ни беа доставени од приватните превозници, се редовни исплаќани. Се работи за заостанат долг, којшто ние сакавме тековно пополека да го затвориме. Последната уплата е на 8 ноември. Последниот период направивме анализа, што мислам дека е обврска на секој директор кога ќе дојде да направи комплетна функционална и финансиска анализа на работењето на едно претпријатие. Дојдовме до сознанија дека последните пет години приватните превозници не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа е нивна обврска којашто е договорена односно јасен е член 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници. Искрено жалам зашто тие не постапувале последните години по тој член, што јасно го доведува во прашање финансиското работење на ЈСП и нашите обврски кон нивното исплаќање. За таа цел, побаравме помош од Финансиската полиција и од Управата за јавни приходи, за да можат комплетно да направат анализа на Договорот со којшто сме договорени ЈСП и приватните превозници.

За долгот кој велите дека е наследен, во кој период е направен?

– Тоа е тековен долг, нема направено анализа од кога е наследен, сигурно се наталожувал. Со моето доаѓање, долгот којшто го наследив можам да се пофалам дека не е зголемен, во исти рамки е. Притоа морам да напоменам дека без оглед на оваа финансиска тешка состојба, нивните фактури коишто доаѓаа последните шест месеци се со зголемена вредност, бидејќи начинот на пресметка на еден километар зависи од трошоците на нафта. Мора да забележам дека врз одлуката од линиски превоз од Град Скопје се дава ексклузивитет на работењето на приватните превозници.

Дали имате информација колкава е сумата на долгот, тие тврдат дека е 90 милиони денари? 

– Истата сума е, 90 милиони денари, како дојдов од прв ден на мојата функција до денес и одговорно тврдам дека последната исплата е направена на 8 ноември. Во тој момент ја добивме и комплетната листа каде што секој треба да си ги почитува своите права и обврски. Нашата обврска дека тоа ќе биде платено, го ветуваме, но сакаме прво да ги видиме нивните обврски коишто требало да ги спроведат, а не ги направиле последните пет години.

Освен тоа, за какви други злоупотреби од приватните превозници станува збор? 

– Финансиската импликација којашто ја има последниве пет години се појавува кај двата превозника. Можам да го издвојам „Макекспрес“ за неисполнување на нивните обврски со квалитет на испорачана услуга. Прекинот на раскинување на тој договор настана бидејќи на неколкупати им беше укажувано дека доколку не го подобрат квалитетот, односно со одлука на Град Скопје, паднат под 80 проценти реализација, нивниот договор ќе биде раскинат. На неколкупати, преговарања и предупредувања, кај нив се појавуваше константно, дури и намалување на квалитетот на испорачаната услуга.

За каков квалитет станува збор? Дали е престрога мерката за укинување на договорот? Како би го коментирале ова? 

– Приватните превозници прво склучуваат договорот со Град Скопје, а потоа ние склучуваме договор одвоен со превозниците. Град Скопје го дефинира квалитетот на услугата, а ние ги дефинираме начинот на наплата и начинот на функционирање на тарифниот модел, GPS-от, валидациите, тоа е во домен на ЈСП Скопје. Се работи за сосема два различни договори. Град Скопје го раскинал договорот поради неисполнување на квалитетот односно обврските којшто приватниот превозник треба да ги понуди.

Неофицијално се дознава дека околу 120 автобуси се повлечени од сообраќај поради техничка неисправност. Колку автобуси на ЈСП се неисправни и дали воопшто има неисправни автобуси? 

– Одговорно тврдам дека автобусите во ЈСП Скопје се технички исправни. Ако се појават некои непредвидени ситуации односно дефект на возило во сообраќајот, за него веднаш имаме соодветна замена и за истото возило има соодветно техничко одржување односно поправка.

Во однос на лиценците, како функционира тој дел во ЈСП? 

– Лиценците ги издава Одделението за сообраќај во Град Скопје. За автобусите на ЈСП се добиени соодветни лиценци со одлука на линиски превоз од Град Скопје. Сите лиценци, сите дозволи за движење се наоѓаат во возилата.

Тврдите дека сите автобуси ја имаат добиено таа лиценца? 

– Да, ја имааат добиено таа лиценца.

Неколку десетина возачи заминуваат во пензија наредните месеци. Се уште не е распишан конкурс за нови вработувања. Што прави ЈСП на овој план? 

– Во моментов ЈСП располага со 656 возачи. Со моето доаѓање објавивме конкурс односно примивме 50 нови возачи. За наредната година се планира бројката да биде пак 50 возачи. Така што во моментов ЈСП одговорно тврдам дека има доволен број возачи кои ги опслужуваат линиите.

Едно прашање околу апликацијата „ЈСП во движење“. Често се случува, времето кое се појавува како време за пристигнување на автобусите да не се поклопува со реалното време. Што се случува со апликацијата?

– Имаме воведено нова апликација „Мобилна скопска“, понудени се подобри услови, подобри квалитети, збогатена апликација. Апликацијата „ЈСП во движење“ беше со графички приказ, а во новата апликација е прикажано времето на доаѓање, следењето, односно со GPS за колку време ќе пристигне на соодветната станица, следејќи ги метежот, проблемите коишто го има автобусот во движење за да стигне до одреденото место. Значи, на секоја минута се ажурира времето додека автобусот стигне до автобуската станица.

Многу граѓани се жалат дека последниве недели автобусите не се придружуваат до возниот ред. Доцнат или воопшто ги нема на линијата во утврденото време. Што е проблемот? 

– ЈСП во моментов вози по комбиниран делничен ред. Значи шпицевите се покриени според стариот возен ред, односно делничниот. Правиме снимање, ажурирање на комплетниот сообраќаен систем, со цел да воведеме нов возен ред. Во моментов се прави валидирање на граѓаните во автобусот. Затоа апелирам, луѓето кои користат бесплатни билети да се валидираат во системот за да можеме да ја добиеме  фактичката состојба во кое време и на кое место да го зголемиме сообраќајот, а на кое место можеме тоа да го намалиме.

Дали има забелешки на односот на контролорите во автобусите на ЈСП? Дали тие мора да се придржуваат до некој правилник или упатства? 

– Во ЈСП Скопје се вработени приближно стотина контроли на линиска контрола кои прават проверка на валидирање, односно дали граѓаните коишто го користат јавниот превоз поседуваат соодветен билет. Јасно е дека ЈСП како организација има воведено протоколи, прописи и процедури како треба да се однесуваат вработените. И во секој момент доколку има забелешка од некој патник за непримерно однесување на линискиот контролор, може да достави барање, односно известување или изјава во Јавното сообраќајно претпријатие, а потоа внатрешната контрола ќе ги преземе соодветните постапки за тоа дали лицето постапувало или не постапувало по обвинувањата што ги имаме од граѓаните.

Во повеќето автобуси не можат да се купат билети. Дали планирате да направите нешто околу ова прашање? 

– Во автобусите на ЈСП може да се купи еднодневен билет. Исто така, ЈСП располага со над 20 билетари распределени низ целото градско подрачје. Граѓаните можат да купат билет и во малопродажните центри. Оваа мрежа секојдневно се проширува и во моментов се околу стотина малопродажни места каде што граѓаните можат да си го остварат правото на дополнување или купување на билет. Во моментов, ЈСП не располага со билетот за една употреба. Во последниве три месеци имавме обиди односно објавување тендер за нивна набавка, но цената која што ни беше понудена беше нерентабилна.

Дали скопјани ќе добијат бесплатен градски превоз? 

– Да, скопјани ќе добијат бесплатен јавен превоз. Ние изминатиот период почнавме со фазни продготовки, односно сакавме бесплатниот јавен превоз да го воведуваме во фази, но поради економската криза којашто во моментов се случува на светско и на глобално ниво, тоа го оставивме во мирување, но тоа не значи дека не ги правиме подготовките за да се реализира ветеното.

Имаше информации дека дел од автобусите не се пуштени во сообраќај поради тоа што нема нафта. Ваш коментар? 

– Категорично тврдам дека во ЈСП нема недостиг на нафта. Жал ми е што во последниов период има такви шпекулации и невистини по одредени портали и медиуми. Никогаш нема да биде ставено во опасност функционирањето на ЈСП  и опслужувањето на граѓаните во Град Скопје. Би сакал да напоменам дека без оглед на случувањата на глобално ниво со покачување на цената на нафтата, ЈСП не планира да направи корекции, односно покачување на цената на билетот.