Денес, на 21 декември 2024 година се навршуваат 100 години од раѓањето на академик Крум Томовски (1924-2010), редовен професор на архитектонскиот факултет во пензија .
Акад. Крум Томовски е роден на 21 декември 1924 година во Скопје. Основно и гимназиско образование стекнува во родниот град. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1952 година по што веднаш бил избран за асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Доцент станува во 1958 година, вонреден професор во 1965, а редовен професор е од 1971 година. Предавал развој на архитектурата, Архитектура и уметност на седен и нов век, Народна архитектура, како и Методи и заштита на градителското наследство. Бил декан на Архитектонскиот факултет 1977-1978 година.
Акад. Томовски е еден од првата повоена генерација дипломирани македонски архитекти кој работи не само на создавање на нови кадри, туку и на дефинирање на основните вредности на македонската архитектонска историографија. Проучувајќи го континуитетот традиционална архитектура, ги открива и афирмира достигнувањата на нашето народно градителство, специфични за македонскиот национален идентитет. Научната активност ја насочил на истражување на средновековната, исламската и народната архитектура, како и на урбаните целини во Македонија. Исто така, ја проучувал и архитектурата на другите балкански народи, задржувајќи се на делата на нашите мајстори-градители и нивниот придонес во развојот на архитектурата во 18 и 19 век. Акад. Томовски е автор на околу 250 трудови објавени во земјава и странство. Меѓу нив се монографиите “Мајстор Андреја Дамјанов“ (во која прв го истражил делото на овој голем творец), “Кратово: стара архитектонско-урбанистичка структура“, “Архитектурата и монументалната уметност во Скопје меѓу двете светски војни“, “Македонските мајстори-градители од 19 век и др.
Бил уредник на Зборникот на Архитектонско-градежниот факултет , член на редакциите на Заводот за студии и проектирање, на “Културно наследство“, како и на Зборник заштите споменика културе-Белград. Го водел проектот на УНЕСКО “Дрвото во архитектурата и скулптурата кај словенските народи“.
Акад. Томовски е основач и прв директор на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје (1963-1965). Бил проректор на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“; претседател на Собранието на Републичката заедница за култура, како претседател на Архитектонската академија на Македонија.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран 1974, додека за редовен член 1979 година. Научен секретар на МАНУ бил од 1984 до 1992 и од 2005 до 2007 година.
За својата работа акад. Томовски е одликуван со ордените: за труд со златен венец, заслуги за народ со сребрени зраци, Орден на Републиката со сребрен венец и орденот на МПЦ “Свети Климент“. Добитник е на наградите “11 Октомври“, “Климент Охридски“, “13 Ноември“, “Андреја Дамјанов“ и др.
Академик Крум Томовски починал на 7 јули 2010 година во Скопје.