Стартува 40. Скопско лето: Скопје 40 години – отворен град за уметниците од светот

554

Официјалното отворање е предвидено за 21 јуни (21.30 часот) на плоштадот Мајка Тереза (платото пред НОБ) со Гала оперски концерт на Националната опера и балет под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ. Претходно, во Музејот на град Скопје, а во чест на 40 годишнината од оваа манифестација ќе се отвори изложбата на фотографии и плакати насловена „40 години Скопско лето“. Од утре (19 јуни), во МСУ, пак, ќе може да се види ретроспективната изложба на македонскиот уметник Глигор Стефанов кој живее во Канада…

На светскиот ден на музиката и првиот ден на летото, 21 јуни официјално почнува 40. издание на култната манифестација Скопско лето 2019, на кое стотина домашни и странски уметници со свои изведби, концерти, изложби, театарски претстави ќе настапат во рамките на 50-те настани распространи на плоштадите, театрите, музеите, галериите во срцето на Скопје. Годинава Скопско лето стартува со два настани на домашни уметници. Од утревечер (19 јуни), со почеток од 21 часот во Музејот на современата уметност ќе може да се види ретроспективната изложба на македонскиот уметник Глигор Стефанов, кој живее во Канада. Официјалното отворање на Скопско лето, пак, е предвидено за 21 јуни, со почеток од 21.30 часот, на плоштадот Мајка Тереза (платото пред НОБ) како Гала оперски концерт на Националната опера и балет под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, а на кој ќе настапат реномирани македонски солисти и првенците на НОБ, заедно со оркестарот и хорот на оваа институција. Претходно, истиот ден, во 20 часот во Музејот на град Скопје, а во чест на 40 годишнината од оваа манифестација ќе се отвори изложбата на фотографии и плакати насловена „40 години Скопско лето“ на Александар Кондев и Елизабета Кузмановска.

„Скопско лето е мултимедијална манифестација во којашто публиката ќе може најмногу да проследи музички концерти. Музиката секогаш имала главни место во програмата на оваа манифестација. Така ќе биде и годинава. Но секако соодветно место заземаат театарските претстави, изложбите, мултимедијалните проекти, филмската програма, ќе има програми за најмладата публика, програма од забавен тип, но и за оние кои се со повисоки естетски критериуми и мерила“, рече на денешната прес конференција Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност, организаторот на Скопско лето. Тој воедно оддаде признание и на групата луѓе и институции кои пред 40 години биле доволно храбри и визионери и оцениле дека на главниот град на тогашната Република Македонија и е потребна ваква манифестација која е премостување меѓу двете сезони, а со цел да се надмине мртвиот период во културното живеење на градот. „По првото издание, каде носители беа тогашната Културно просветна заедница, односно Дирекцијата за култура и уметност, Домот на младите 25 мај и Туристичкиот сојуз, но и поголем број културни работници и уметници кои го сакаа својот град, се покажа дека Скопје заслужува една ваква манифестација“, додаде Глигоров, посочувајќи дека со растењето на фестивалот Скопје се покажал како отворен град за уметниците, авторите и творците од целиот свет бидејќи преку дваесет држави со своите уметници биле гости на Скопско лето.

Унгарскиот амбасадор во нашата земја, Ласло Дукс, пак, претстави дел од настаните со кои унгарски уметници ќе се претстават пред скопската публика во рамки на Скопско лето. Ромскиот фолклорен ансамбл Рајко од Унгарија со концерт ќе настапи на 22 јуни, од 21,30 часот, на плоштадот „Карпошово востание“, а на 14 јули концерт ќе одржи Машкиот христијански хор од Унгарија, еден од најпознатите во оваа земја.

Како што најави организаторот, Скопско лето ќе се затвори на 31 јули, со концерт на ансамблот Танец кој годинава одбележува 70 години од своето постоење. (Н.И.Т.)

„Грабење во просторот“ со Глигор Стефанов

На реализацијата на изложбата на Стефанов „Грабење во просторот“, што ќе биде отворена утревечер (19 јуни) во МСУ, е работено две години преку истражување на целокупното творештво на авторот. „На изложбата ќе бидат преставени сите негови циклуси преку делата изработени од 1981 до 2019. Публиката ќе може да види преку 11 инсталации и 50 фотографии од инсталации кои не можат да се реплицираат“, посочи Благоја Варошанец од МСУ. Тој додаде дека Стефанов со она што го прикажува се потврдува како еден од најзначајните македонски ликовни уметници во последните 40-тина години. Стефанов, пак, истакна: „Кога се работи за ретроспективна изложба се смета дека уметникот треба да ги изнесе делата од свето ателје, но ние со МСУ таква изложба не можевме да направиме, бидејќи требаше да направиме изложба на непостоечки дела. Некои од моите дела изгореа во пожар во Лондон, некои се изгубени во Сараево за време на војната, а беше тешко и затоа што имавме малку фотографии од делата. Мојата идеја беше да направиме ретроспектива на процесот на размислување кој го имав изминативе години, кој за македонски и југословенски услови беше необичен и да направиме ретроспектива на неостварени дела преку скиците и проекти кои ги имам. Секогаш сакав МСУ да го накитам со црвени пиперки, но таков проект никогаш не можеше да се оствари бидејќи е многу скап. Или да ставиме тутун… Интересно е дека додека се подготвуваше изложбата, не можев да најдам едно кило природен памук да купам, ниту пак долга слама, тоа беше вистинска потрага, а ја свртев цела Македонија. Инаку, целата изложба е поделена на три дела со една голема инсталација од сите мои циклуси и е едно мое видување после 30 години во Македонија“. Тој воедно посочи дека колку што изложбата е ретроспективна толку е и нова.