„’Современата скулптура’ е биенална изложба на ДЛУМ со акцент на повик до уметниците кои се занимаваат со просторно обликување на ликовна форма. Годинава имаше навистина квалитетни дела, чија селекција е извршена од страна на уметничкиот совет на ДЛУМ“, истакнува Јана Манева-Чупоска, претседателката на ДЛУМ. На отворањето на изложбата беше доделена и наградата „Боро Митриќески“, која годинава ја доби уметницата Марина Цветановска-Мартиновска за нејзиното дело „3Д остаток“

 

Изложбата со наслов „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), која од завчеравечер е отворена во галеријата „Ко-Ра“, во Домот на културата „Кочо Рацин” во Скопје, пред љубителите на уметноста ги претстави новите истражувања и идеи на уметниците поврзани со овој вид на уметност. На изложбата, која привлече голем интерес кај посетителите, со свои дела се претставуваат авторите: Нела Јанковска, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Златко Бојковски, Златко Глигоров, Анѓел Димовски Чауш, Христијан Качаревски, Маја Кировска, Перо Кованцалиев, Доротеј Нешовски, Синиша Новески, Марина Цветановска-Мартиновска, Славчо Павловски, Татјана Ристовска, Ана Димчевска Семенпеева и Гоце Стоилковски.

„’Современата скулптура’ е биенална изложба на ДЛУМ со акцент на повик до уметниците кои се занимаваат со просторно обликување на ликовна форма. На мое големо задоволство беа пријавени навистина квалитетни дела, чија селекција е извршена од страна на уметничкиот совет на ДЛУМ. Семејството Митриќески секое ново издание на изложбата донира и финансиска награда, а ваквиот потег е многу значаен бидејќи самото име на наградата „Боро Митриќески“, во чест на еден од бардовите на македонската скулптура, дава посебна тежина и одговорност кон сите оние кои се пријавуваат на тој повик за учество, а воедно се и претенденти за наградата“, посочи Јана Манева-Чупоска, претседател на ДЛУМ.

Инаку, годинешен добитник на оваа традиционалната награда е Марина Цветановска-Мартиновска за нејзиното дело „3Д остаток“.

„Иако беше тешко од сите скулптури, кои учествуваа на изложбата да се избере она што ќе биде наградено, бидејќи се работи за навистина квалитетни дела, наградата ја доби Цветановска-Мартиновска. Со оглед дека ги анализиравме сите дела, ја донесовме одлуката таа да биде наградена бидејќи во нејзиното дело повеќе беше акцентирана таа доза на современост во скулптурата“, кажа проф. д-р Никола Смилков, кој заедно со проф. д-р Слободан Милошески и Синиша Новески беа членови на комисијата која донесе одлука за наградата.

Наградената уметница Цветановска-Мартиновска, пак, посочи дека при создавањето на делото,  просторна инсталација со варијабилни димензии „3Д остаток“, е употребена комбинирана техника, при што се користени различни материјали. Делото содржи 18 картонски форми со огледална фолија (50 х 50 см) и текстилна трака.

„Во случајов станува збор за моделирање на самиот простор, на празното, она што е невидливо и кое на некој начин добива форма. Празниот волумен, игра главна улога и тој за мене претставува предизвик. Преку делото всушност осознаваме дека ништо не е празно. Со доближување на гледачот пак, кон огледалната основа, се отвораат други димензии и прашања, па секој може да се запраша дали е дел од формата, од тие остатоци или недостатоци…“, вели меѓу другото уметницата.

Цветановска-Мартиновска дипломирала 2000 год. на педагошки оддел, насока вајарство во класата на проф. Станко Павлески (и поднасока сценографија) на ФЛУ, Скопје, a во 2005 завршува и постдипломски студии по вајарство на ФЛУ во класата на истиот професор. Член е на ДЛУМ од 2000. Вработена е како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладиновци” Куманово од 2001 година. Уметницата има реализирано голем број на самостојни изложби, а учествувала и на повеќе групни изложби. Во текот на својата ликовно творечка дејност, има добиено бројни награди.

Изложбата на ДЛУМ која се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам ќе биде отворена за посетителите до 11 ноември.  (Д.Т.) Фото: Ѕ. Плавевски