Современата комедија „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов премиерно ќе биде изведена на 16 мај, во 20 часот, на малата сцена во Македонски народен театар.

Претходно најавена со работен наслов #ТикТак, претставата е поставена по мотивите на филмското остварување „TOC TOC“ на францускиот писател Лорен Бафи и шпанскиот режисер Виcенте Виљануева, а  адаптацијата на текстот е на режисерот Евтимов и Благоја Бошковски.

„Главното дејство во ‘Мој термин’ отвора повеќе прашања поврзани со опсесивно-компулсивните нарушувања, како хронични нарушувања карактеристични по обземачките несакани мисли (опсесии) и ритуализираните повторливи однесувања (компулсии), кои ви се чини дека сте принудени да ги направите. Изведувањето на ритуалите најчесто не носи никакво задоволство, а, сепак, тие нудат минливо олеснување за немирот генериран од обземачките мисли“, стои во најавата на МНТ од каде што се истакнува дека поради експлицитните реплики кои се употребени во текстот, претставата е наменета за возрасна категорија плус 18 години.

Во претставата играат Јордан Симонов, Тања Кочовска, Оливер Митковски, Николина Кујача, Александар Микиќ, Сашка Димитровска и Александар Михајловски. Во авторската екипа за визуелно обликување на претставата, пак, се сценографката Илина Ангеловска, костимографот Александар Ношпал и дизајнерот на маските – Горан Игњатовски.

Инаку, шпанското остварување „TOC TOC“ од 2017 година е комедија која поврзува неколку луѓе во чекалната на познат лекар-експерт за третман на TOC (Trastorno Obsesivo Compulsivo) што во превод од шпански јазик означува опсесивно-компулсивно нарушување. Тие се среќаваат заради дефект на новата компјутерска програма која им ги одредува термините во ист ден и во исто време. Во групата се Емилио, таксист и експерт за астрономска математичка пресметка кој е погоден и од Диоген синдромот; Бланка, лабораториски работник која страда од миофобија, екстремна паника на сите вируси и бактерии; Ана Марија, верник со нарушување на верификација; Ото, млад човек со опсесија за симетрија, кој не може да згазне на пукнатините на коловозните линии; Лили, убава млада девојка и фитнес тренер, која во исто време е погодена од палилалија (ненамерно повторување на свои цитати, зборови и слогови) и од ехолалија (ненамерно повторување на цитати, зборови и слогови што ги кажале други лица)…

Првата реприза на претставата е на 17 мај, а следните изведби се на 27 и 29 мај.