Средина на август 2024 година. На концерт сум на “The Editors” во Шибеник, Хрватска. Пред концертот со пејачот и композитор (Tom Smith) имавме краток разговор. Во еден момент ми вели дека “Oasis” ќе се реоформат за турнеја во 2025 г. Бев сигурен дека еден ден ќе се случи тоа, но не верував дека толку брзо ќе биде. И навистина на 27/28 август, браќата Галагер (најважните членови на бендот) ја објавуваат  таа најчекана, најголема, најрадосна вест која го обиколи светот за една ноќ. Толку е голема та дури и “Led Zeppelin”  или “Beatles” да се реоформат ќе бидат во втор план. Ја читам листата на градови каде ќе свират. Кардиф , Манчестер, Лондон, Единбург, Даблин, Торонто , Чикаго, Лос Ангелес, Мексико Сити, Мелбурн, Буенос Аирес, Сиднеј, Сантјаго де Чиле, Сао Паоло. Гледам , читам , не ми се верува,  Скопје го нема на листата на градови каде што ќе свират. А ми ветија, на мене, лично.

Ветувањето е од 25 мај 2005 г. после нивниот концерт  во “The Coronet” клубот во London. Капацитетот на клубот е околу 2 500 посетители, а цената на билетот е околу 30 фунти.  Внатре е преполно. Се наоѓам некаде на вториот ред, на второто ниво. Ниту далеку, ниту блиску од сцената. На себе носам црвена маица со кратки ракави со 16-кракото сонце, а на нејзе пишува со големи букви “Macedonians adore OASIS”. Се гасат главните светла, почнуваат првите тактови на “Turn op the sun”, се палат сините светла на бината и ете го Лиам со зелена парка и наочари.

Во публиката делириум, посебно откога светлата го осветлуваат Ноел. Сите пеат, пеам и ја. Се редат “Morning Glory”, “ Cigarettes & Alcohol”, “ Live Forever”, “ Champagne Super nova”, “ Rockn Roll Star”… немаше некој да не пее, дури и редарите. А иако “Oasis” изгледаат така ладни, всушност испорачуваат неверојатно количество енергија и емоции. Лиам со рацете поставени одзади, полузгрбавен, микрофонот поставен 15 сантиметри над неговата уста поради што мора да стои на прсти, неприкосновено ги води посетителите низ светот на „Оасис”. Веројатно и тогаш и сега најголемото, најпознатото рокенрол име, најдобриот лидер, забавувач и вокал. А зад него со кожна кафеава јакна, човекот гениј, композиторот, аранжерот, текстописецот, родениот брат Ноел, оној чии се 95 проценти од песните кои ги свират “Oasis”. Има во нивните песни нешто што дава чувство на спокојност, нешто што те потсеќа на некое друго време, нешто што „Beatles” требаше да го напишат, но не го напишаа, нешто преполно со емоции, но не патетично, туку онака дрско каков што треба да биде рокенролот.

Концертот завршува, но публиката не си оди, “Oasis” се нивните идоли, нивните светци, гуруа и што ли уште не. Се враќаат на сцена, на бис. Се редат “Songbird”, “Wonderwall” (најпозната нивна песна која влегува во секоја енциклопедија), “Don’t Look Back In Anger”, и “My Generation”, која е посветена на нивните идоли “The Who”. Веројатно оваа песна е песна на сите генерации, затоа се сите во солзи, се држат еден за друг, небаре чиниш сите се браќа и сестри по крв. Заедно во еден глас ја пеат песната, рипаат, некои се поклонуваат, наелектризарана позитивна атмосфера. Е ова е концерт за паметење, и да не се испокараа браќата Галагер неколку години подоцна (кога се распаднаа) сè уште ќе можевме да гледаме вакви концерти. Завршува концертот. Ете ме мене надвор пред помошната излезна врата на клубот. Таму има веќе три девојки и едно момче, ги чекаат „Oasis”. После саат време излегуваат браќата. Им потпишуваат автограм на овие пред мене. Доаѓам на ред. „Колку прекрасна маица имаш, Macedonian” ми вели Ноел. “Ти се допаѓа?”  „Да” . Ја соблекувам маицата и му ја давам. Он ја потпишува заедно со Лиам и ми ја враќаат. „А не, тоа е подарок од Македонците”. „Навистина”.

Осеќам некоја радост во нивните очи (Лиам е без очила).  Ја земаат маицата, ја гледаат. „Навистина прекрасна маица. А да дојдеме да одржиме еден концерт во Македонија?” – си велат гласно меѓу себе. „Дојдете во Скопје главниот град” им велам. „Ќе дојдеме” – вели Ноел, а Лиам нешто мрмори. Си одат, и како што тргаат им велам „Ветувањето е нешто најсвето кај нас Македонците, дали ветувате дека ќе дојдете да направите концерт” . Ноел се врти и вели „Ветувам”. Лиам не рече ништо. Си одат тие во еден правец, си одам и јас, но во друг правец, без маица гол низ сред Лондон, но радосен ете сепак сум направил муабет со гигантите на севкупната светска сцена. Тогаш немаше мобилни, кои сликаат или барем јас немав. Неколку години подоцна се расформираа. Ми беше некако тешко, но бев сигурен дека еден ден ќе се реоформат и дека ќе го исполнат ветувањето. Еве сме сега ноември 2025 г. Ја гледам листата на градови каде треба да свират, но го нема Скопје во неа. Некако ми иде во глава дека оваа турнеја ќе биде нивното последно заедничко свирење.

Го прекршија ветувањето, они идолите на цели генерации, они со кои израснавме, они кои внесуваа радост во срцата на тие што ги слушаа. Си велам да им пишам или не, да ги потсетам на прекршеното ветување, дадено на една мала нација македонска. И само замислете ја радоста на сите нивни обожаватели од Македонија и околината да дојдеа на концертот на „Oasis”  тука во Скопје. Тоа ќе беше историја за паметење каде што сите заедно ќе пеевме и игравме на песните на најголемиот бенд на 90-тите , радувајќи се на прекрасниот единствен момент, потсетувајќи се на некоја состојба одамна изменета. И иако сите од публиката ќе беа од различна социјална структура, од различни временски периоди, публика со различни музички и политички погледи, она што ќе не споеше е моментот каде што сите ќе бевме исти, поклонувајќи се пред нив последните рокенрол херои “Oasis”.

И сега уште едно прашање, што ако Ноел сакал да дојдат, можеби се сеќава на ветувањето, а Лиам не сакал? Иако сега тоа доведе до повторно карање меѓу нив двајца и повторно да се распаднат пред воопшто да ја почнат турнејата. А таа турнеја чини многу пари, цената на една карта од тие поевтините е над 350 фунти. Дали фановите од цел свет ќе нè окриват нас Македонците дека сме им го скратиле правото да на песните на „Оasis“ изведени во живо повторно се вратат во младоста. Или подобро е да остане вака, да не го исполнат ветувањето, туку да си ја истераат турнејата, а ние да не се конфронтираме со нивните фанови.  Како што стојат работите, повторно сме монета на поткусурување.

ИЗДВОЕНИ