Македонската кошаркарска репрезентација драстично си ги намали шансите за пласман на Евробаскетот наредната година откако претрпи убедлив пораз на домашен терен, од селекцијата на Литванија, 67:82, во рамките на 3. коло од групната фаза.

Нашата селекција одигра очајно во првото полувреме, особено во почетните десет минути (9:23), кога ја направи гостинот клучната разлика, која ја одржуваше во преостанатиот дел. Во текот на целиот натпревар, избраниците на Александар Јончевски беа во двоцифрена негатива, губеа со највисоки 23 (12:35) и успеваа да дојдат само до -11 во неколку наврати.

  • Бевме премногу меки на стартот, не бевме изненадени од нивната енергија, но не одговоривме на вистинскиот начин. Во моментот кога сфативме дека мораме да возвратиме со иста енергија, со иста борба, во второто полувреме ја променивме одбраната, што ни даде резултат. Енергијата во првото полувреме беше недоволна. Ако бевме 40 минути на исто ниво, можеби, целокупната слика за овој натпревар ќе беше поинаква. Верувам дека кошаркарскиот талент беше на наша страна, но физичката сила и енергијата беше она што им ја донесе оваа победа на Литванците – истакна Јончевски.

За она што следува во квалификациите, односно за неделниот дуел во Клаипеда, се очекува Македонија да биде засилена со Ненад Димитријевиќ. Селекторот потврди дека Андреј Магдевски и Итан Хап нема да може да помогнат ниту на гостувањето во Литванија.

  • Верувам дека со Димитријевиќ работите ќе бидат подобри. Но, ќе мораме да го смениме ставот и да одиграме цел меч ако сакаме подобар исход. Итан Хап дојде, неговата состојба не е подобрена. Истото важи и за Магдевски. Двајцата нема да патуваат со нас во Литванија, повредите, очигледно, се посериозни и тие нема да може да ни помогнат ниту на вториот натпревар – додаде Јончевски.

ИЗДВОЕНИ