Со концерт во Скопје: Африканската дива Фатумата Дијавара на 18. Оффест

79

“Африканската дива Фатумата Дијавара е првото потврдено име кое ќе биде дел од програмата на Оффест 2019. Концертот на Дијавара е закажан за 5 јуни во Скопје, а местото на одржување и билетите ќе бидат објавени дополнително“, соопштија од Скопје џез фестивалот.

“Една од водечките и најекспонирани претставнички на модерната африканска музика, Дијавара со гордост го почитува и негува богатото музичко наследство на Мали и Африка, но со сопствена визија за иднината, оригиналност, инвентивност и подготвеност за експериментирање. Нејзиниот спектакуларен деби албум “Фатоу” (2011) ја лансираше како една од највозбудливите нови ѕвезди на африканското музичко небо. Вториот албум “Фенфе” (2018) само ги потврди нејзините несомнено високи артистички, композиторски, пејачки и свиречки квалитети и го зацврсти статусот на една од најхаризматичните појави на африканската музика денес“, посочуваат од СЏФ од каде истакнуваат дека таа има соработувано со некои од најзначајните имиња на современата музика.

Инаку, Дијавара е позната и по своите улоги како актерка во неколку филмови (“Тимбукту“), но и по својот општествен ангажман и активизам.