– Иако квалитетот на воздухот е подобрен од 90-тите години на минатиот век, нивоата на загаденост на воздухот остануваат високи на повеќето урбани локации, особено во студените зимски месеци. Во Скопје просечните годишни концентрации на ПМ2,5 честичките достигнуваат осум пати од дозволените според СЗО 5 мг/м3, додека во Тетово нивото на загаденост може да достигне дури 10 пати повеќе од овој праг, се нотира во прегледот на Светска банка за управување со квалитетот на воздухот во Македонија

 

Луѓето во многу делови на Македонија се изложени на поголемо загадување на воздухот со отровни честички отколку нивните соседи во Западна Европа, забележува Светска банка. Оттаму нагласуваат дека ова особено важи за жителите на урбаните средини, како Скопје и Тетово.

– Иако квалитетот на воздухот е подобрен од 90-тите години на минатиот век, нивоата на загаденост на воздухот остануваат високи на повеќето урбани локации, особено во студените зимски месеци. Во Скопје просечните годишни концентрации на ПМ2,5 честичките достигнуваат осум пати од дозволените според СЗО 5 мг/м3, додека во Тетово нивото на загаденост може да достигне дури 10 пати повеќе од овој праг – се нотира во прегледот на Светска банка за управување со квалитетот на воздухот во Македонија.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање г. Изет Меџити, кој учествуваше на конференцијата за чист воздух организирана од Светска банка изрази благодарност за тимот експерти кои го идентификуваа подобрувањето на квалитетот на воздухот како стратешка цел во Рамката за партнерство на Светска банка со Македонија за периодот 2024 година – 2030 година. Тој рече дека се идентификувани изворите и причините за сериозни проблеми со квалитетот на воздухот, иако тие може да варираат во и меѓу градовите.

– Со оглед на тоа што најголемиот дел од домаќинствата во земјава сè уште користат дрво како примарен извор на греење, тоа предизвикува сериозни проблеми со квалитетот на воздухот во зимскиот период, особено во густо населените станбени места. Сообраќајот на патиштата е извор на загадување на воздухот во урбаните средини, додека производството на енергија и индустријата имаат локално влијание врз квалитетот на воздухот, особено во близина на индустриски инсталации кои немаат современи системи за намалување на емисиите – рече Меџити.

Нашата земја, додаде министерот Меџити, презема активности за подобрување на квалитетот на воздухот преку спроведување на краткорочни превентивни мерки кои веќе стапија на сила во оваа грејна сезона на национално ниво, како и од други надлежни институции, што покажува дека се трудиме да целосно одговараме на оваа обврска за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата секојдневна работа.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити рече дека борбата против аерозагадувањето ќе се води преку „Планската програма за чист воздух 2024-2030“, стратешки документ во кој се идентификувани главните причини и мерките што мора да се преземат на среднорочни и долгорочни периоди за подобрување на ситуацијата.

Максимилијано Паолучи, претставник на Светска банка во Македонија, посочи дека загаденоста на воздухот во Македонија има значителни негативни ефекти врз здравјето на луѓето и економијата. Повикувајќи се на неодамнешна студија за ефектите од загадениот воздух, тој истакна дека се проценува дека околу 2.800 луѓе годишно умираат од причини поврзани со загадувањето на амбиенталниот воздух, а годишниот економски трошок поврзан со здравствената штета од загадениот воздух во земјава се проценуваат на просечни 1,7 американски долари, што е еквивалентно на 15,9 отсто од БДП  во 2016 година.

– Иако оттогаш до сега има големо подобрување, сепак и натаму останува високото ниво на ПМ2,5 честичките – истакна Паолучи и ја поздрави намерата на Владата со донесувањето на Планот за почист воздух до 2030 година решавањето на проблемите со загадувањето на воздухот да ги стави во врвните приоритети.

Од Светска банка посочуваат дека земјава има значителен напредок во усогласување на своето законодавство за квалитетот на воздухот со она на ЕУ, особено во однос на сеопфатните амбиции за квалитетот на воздухот, иако сè уште остануваат некои празнини.

– Сè уште не се вклучени ниту донесени важни делови од законодавството на ЕУ и националното секундарно законодавство кое може значително да ги намали емисиите од индустриски и резиденцијални извори. На локално ниво, 15 општини и градот Скопје се обврзани да подготват план за квалитет на воздухот поради надминување на граничната вредност  на загадувачите или големина на населението од над 35.000 жители – се посочува во деталниот преглед напишан на 15-ина страници. 

(С.Бл.) 

 

 

ИЗДВОЕНИ