Скапаници ги зафаќаат паркинзите, граѓаните нема каде да паркираат 

255

Хаварисани возила со години стојат на паркинзите во Карпош и граѓаните се жалат дека нема слободно место каде да ги паркираат своите автомобили. Жителите на Карпош 1 велат дека по 16 часот, кога се враќаат од работа, не може да најдат паркинг-место, бидејќи просторот го зафаќаат возила пред распаѓање, покриени со церада. – Кај мене има најмалку три такви автомобили, а ние останатите не можеме да најдеме слободно паркинг-место, па сме принудени да ги оставаме на јавни површини, што е непрописно – реагира Д.П. и додава дека некои од хаварисаните автомобили сè уште стојат иако Општината лепи известувања на нив, за сопствениците да ги отстранат.

Проблемот со хаварисаните возила е застапен и на територијата на Општина Центар. Според податоците на ЈП ПОЦ, на територијата на оваа општина има 236 хаварисани возила, а досега се отстранети околу 40, кои се дадени на отпад

Хаварисани возила со години стојат на паркинзите во Карпош и граѓаните се жалат дека нема слободно место каде да ги паркираат своите автомобили. Жителите на Карпош 1 велат дека по 16 часот, кога се враќаат од работа, не може да најдат паркинг-место, бидејќи просторот го зафаќаат возила пред распаѓање, покриени со церада.

– Кај мене има најмалку три такви автомобили, а ние останатите не можеме да најдеме слободно паркинг-место, па сме принудени да ги оставаме на јавни површини, што е непрописно – реагира Д.П. и додава дека некои од хаварисаните автомобили сè уште стојат иако Општината лепи известувања на нив, за сопствениците да ги отстранат.

Други жители на Општина Карпош, пак, на социјалните мрежи потенцираат дека има оставени возила веднаш до зградата на Министерството за економија уште од времето кога Стефан Богоев беше градоначалник.

– Ниту Општината ниту МВР сакаат да ги отстранат, бидејќи нема кој да ја плати казната. Погрешно и неправилно паркираните возила се отстрануваат со „пајак“ возило без никакво предупредување, додека отпадот, и по истекот на опомената, нема кој да го собере – вели Гоце Игновски.

Викторија Чавкоска вели дека и во населбата Влае го има овој проблем и потенцира дека во Општината изјавиле дека нема правни механизми да се отстрануваат хаварисаните и запуштени возила.

Од Општина Карпош одговорија дека во моментот тече акција за известување и опоменување на сопствениците на хаварисаните возила да ги отстранат сами.

– Поставени се известувања и опомени на 250 хаварисани возила, а 60 проценти од нив се веќе отстранети од сопствениците –  нагласија од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека е евидентно дека оваа акција дава ефект, поради што ќе продолжи и во наредните месеци. При тоа, објаснуваат дека нивните ингеренции се дотука, бидејќи треба да се обезбеди простор каде што би се чувале отстранетите хаварисани возила.

Што се однесува до напуштените возила оставени веднаш до зградата на Министерството за економија, од Општина Карпош одговорија дека нивните инспекциски служби веќе имаат испратено допис до наведеното министерство во кој се бара во најскоро време да ги отстранат спорните возила.

– Од Министерството ни возвратија дека возилата се во постапка на отстапување на СОЗР на Владата и замолија да им дадеме разумен рок за отстранување. Постапката е во тек – образложија од Општина Карпош.

Оттаму најавија решавање на овој проблем со воведување и на зонското паркирање во Карпош 1 и во Карпош 2, кое се очекува да профункционира во текот на наредниот месец.

Проблемот со хаварисаните возила е застапен и на територијата на Општина Центар. Според податоците на ЈП ПОЦ, на територијата на оваа општина има 236 хаварисани возила, а досега се отстранети околу 40, кои се дадени на отпад.

–  Претпријатието уште одамна, во повеќе наврати има организирано акции за отстранување хаварисани возила и во континуитет работи за подготовка на следната. Исто така, во рамките на проектот „И отпадот има вредност”, во континуитет ја нудиме услугата за бесплатно отстранување на хаварисаните возила и приколки од јавните површини во Општина Центар, со согласност од сопственикот, и нивно носење во лиценциран отпад. При тоа, возилото ќе биде рециклирано како старо железо, а средствата од откупот целосно му припаѓаат на сопственикот на хаварисаното возило – објаснуваат од ЈП ПОЦ. 

Во однос на новата акција, која се подготвува во координација со останатите институции, од ЈП ПОЦ велат дека прибирањето податоци е во тек со цел да се исчисти Центар од отпад.

– Но, сè уште е отворена можноста сопствениците да пријавуваат за своите хаварисани возила за да се ослободат паркинг-местата и јавните површини на територијата на Општина Центар кои се зафатени од нив и од приколки, а кои претставуваат опасност за жителите и за животната средина – нагласуваат од ЈП ПОЦ. 

Оттаму ја објаснуваат постапката за отстранувањето на оставените и хаварисани возила.

– Службите на ЈП ПОЦ, во соработка со комуналните служби при Општина Центар, поставуваат известување на секое хаварисано возило по претходно евидентирање на возилата, доколку сопственикот изврши пријава за дислоцирање на возилото, бидејќи законското уништување хаварисани возила е со претходно одобрение од сопственикот. Затоа, во првата фаза на акцијата се остава простор сопствениците да пријават за своите хаварисани возила и да ја искористат можноста за бесплатен транспорт до депото на компанијата која врши откуп на отпад од хаварисани возила и да добијат надоместок за нив. Во втората фаза, во соработка со МВР, се започнува со отстранување на хаварисаните и напуштени возила кои немаат сопственици, а ја узурпираат јавната површина на територијата на Општина Центар – образложуваат од претпријатието.

Оттаму велат дека, бидејќи се работи за возила што не се употребуваат веќе подолго време, наидуваат на проблем за да стапат во контакт со сопственикот поради застарени податоци (адреса на живеење и контакт).

– Возилото се отстранува од обележаното паркинг-место и се носи во нашето депо, каде што ќе остане сè додека не се утврди неговата сопственост – додаваат од ЈП ПОЦ.

Од претпријатието сметаат дека се потребни законски измени, бидејќи чувањето неограничено во депо не е решение со оглед на тоа дека големината на депото е лимитирана и нема простор за сите хаварисани возила.

– Потребно е законско решение со кое ќе се овозможи отстранување и по одреден период носење во отпад, по примерот на повеќето западни држави – децидни се од ЈП ПОЦ. 

(А.П.)