Судот за спортска арбитража во Лозана (ЦАС) ќе одлучува за иднината на најдобриот светски тенисер Јаник Синер.
Италијанецот беше позитивен на забранетиот клостебол во март, ама не доби суспензија и беше „помилуван“. Сепак, тогаш Светската антидопинг агенција (ВАДА) се пожали до ЦАС, каде што случајот е одново отворен.
Во одбрана на италијанскиот ас застана поранешниот тенисер Емилио Санчез, кој се надева дека нема да има суспензија за Синер.
„Процесот веќе е спроведен, но ВАДА изрече поинакви санкции за слични случаи. Синер ќе мора пак да се брани. Никој не посакува тој да биде позитивен. Тажно е што се мисли дека постои тенденција да се размислува дека не им се суди на сите еднакво. Синер загуби на имиџот, а така и тенисот“, смета Шпанецот.
ЦАС на почетокот на 2025 година ќе го разгледа случајот и ќе одлучи дали ќе го потврди ослободувањето на Синер од вина.