Жртвите на семејно насилство се особено ранлива категорија и оваа година значително е зголемен бројот на пријави (94) во Центарот за социјална работа Гевгелија. Директорката на Центарот, Васка Илиева, она што е карактеристично е што од евидентираните сторители на семејно насилство и други дела, речиси половина се зависници од дрога и од алкохол. – Затоа сметам дека е неопходно да се изнајде начин, во соработка со локалната самоуправа, да се обезбеди соодветен простор за времено и ургентно сместување на жртвите на семејно насилство, вели Илиева во интервју за весникот ВЕЧЕР
Социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и на социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита. ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Гевгелија, како јавна установа, врши работи од областа на социјалната заштита, која ја реализира на подрачјето на три општини: Гевгелија, Богданци и Дојран. Во својата работа, овој Центар решава прашања што се однесуваат на исполнувањето одредени права и услуги од социјалната заштита, детската заштита, постапува при нарушени брачни и семејни односи, спроведува постапки со малолетни сторители на кривични дела, деца и малолетници во ризик, деца на улица, деца жртви на сексуална злоупотреба и педофилија, жртви на трговијата со луѓе, сместување во установите за социјална заштита, парични права што ги користат домаќинствата изложени на одреден социјален ризик, како и други работи регулирани со закон.
При крајот на оваа 2024 година, за тоа каква е ситуацијата на полето на социјалната заштита во Општина Гевгелија и со какви проблеми се среќаваат вработените, разговараме со директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Гевгелија, Васка Илиева.
*Директорке, колкав е бројот на активни корисници на парични права евидентирани во ЈУ МЦСР Гевгелија за 2024 година?
– Паричните права од социјалната заштита, согласно со Законот за социјална заштита, кои ги користат домаќинствата изложени на одреден социјален ризик, се следниве: гарантирана минимална помош користат 147 семејства, надоместок поради попореченост користат 116 лица, надоместок за помош и нега од друго лице вкупно 196 лица, надоместок на плата за скратено работно време 10 лица, еднократна парична помош, исто така, 10 лица, здравствена заштита користат 73 лица, социјална сигурност за старите лица примаат 50 лица. Во овој контекст се и паричните права од детската заштита, и тоа детски додаток примаат 41 лице, посебен додаток 67 лица, додека надоместок за трето дете користат 112 лица. Овде да ги споменам и корисниците на народната кујна – 42 лица.
*Со Законот за социјална заштита од 2019 година е воведена услугата лична асистенција. Кажете ни што опфаќа таа?
– Оваа услуга опфаќа индивидуална помош и поддршка за лицата од 6 до 65-годишна возраст што се со намален функционален капацитет и сосема слепи лица, со цел да им се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, помош и поддршка на работното место, образовните институции, како и услугата помош и нега во домот, со која им се обезбедува помош на лицата со намален функционален капацитет, кои не може сами да се грижат за себе, а со цел да се оспособат за самопомош, односно да ја вратат или да ја одржат способноста самите да се грижат за себе. Во евиденцијата на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Гевгелија има 22 лични асистенти што ја даваат услугата на 35 корисници, додека услугата помош и нега во домот сè уште не е развиена во нашата општина. Даватели на услугата се ОО Црвен крст Гевгелија и Здружението за европска социјална инклузија ЕСИ НЕЛИС Скопје.
* И оваа година бележите зголемување на семејното насилство. Како се справувате и на какви проблеми наидувате во Вашата работа со жртвите на семејно насилство?
– Со жалење може да констатирам дека од година на година, на територијата на Општина Гевгелија, семејното насилство е во пораст. Жртвите на семејно насилство се особено ранлива категорија и оваа година значително е зголемен бројот на пријави. Така, во Центарот имаме пријавено 94 жртви на семејно насилство, од кои едно е откриено во Општата болница Гевгелија, кај малолетник, би рекла случајно, при систематски преглед.
Она што е карактеристично е што од евидентираните сторители на семејно насилство и други дела, речиси половина се зависници од дрога и од алкохол. Што се однесува до работењето со жртвите на семејно насилство, може слободно да кажам дека најгорлив проблем ни претставува ургентното згрижување на жртвите веднаш штом се случи насилство, односно немањето соодветно место, т.н. сигурни куќи или шелтер центар.
Затоа сметам дека е неопходно да се изнајде начин, во соработка со локалната самоуправа, да се обезбеди соодветен простор за времено и ургентно сместување на жртвите на семејно насилство. Тоа би можело да се регулира и со меѓуопштинска соработка, бидејќи и другите општини на југоистокот имаат потреба од вакво засолниште. Да потсетам само дека, според Истанбулската конвенција, на секои 10 илјади жители би требало да има по едно засолниште, што не е случај во нашата општина.
*Гевгелија нема дом за стари лица, а сведоци сме дека е повеќе од неопходна потребата за тоа.
– Се согласувам. Сè поизразена е потребата од дневно згрижување на старите лица без семејна грижа, но и институционално згрижување во домовите за стари лица, каде што би имало прифатливи цени за лицата со ниски пензии. Брзиот начин на живот, продолжувањето на животниот век како резултат на напредокот во медицината, иселувањето на младите брачни двојки и поединци во иднина ќе придонесат сè поголем број стари лица да имаат потреба од овој вид згрижување.
Кога се знае дека од вкупниот број жители во Општина Гевгелија, кој изнесува 21.582, повеќе од една четвртина или 5.976 лица се на возраст од 60 до 85 години и повеќе, тогаш станува јасно дека час поскоро локалната самоуправа треба да размислува за изградба на дом за стари лица, било со сопствени средства било преку јавно-приватно партнерство. Мислам дека работењето на овие домови би било рентабилно, затоа што Гевгелија е погранично место и сè повеќе стари лица од соседна Грција, поради повисоките примања, би доаѓале да живеат во вакви домови.
*Во надлежност на ЈУ МЦСР Гевгелија е и Дневниот центар за лица со посебни потреби. Каква е ситуацијата таму?
– Во овој дневен центар за лица со попреченост се евидентирани вкупно 18 лица, но во моментот се згрижени 12-мина корисници. Услугата опфаќа дневно згрижување на лицата, индивидуални активности за стекнување животни и работни вештини, социјални, културни и рекреативни активности, социјална поддршка на лицата и на нивните семејства. Она што нè загрижува нас, но и нивните семејства е што ќе биде со нив кога, поради стареењето и починувањето на нивните најблиски, ќе останат сами. Кој ќе се грижи за нив понатаму? Затоа, мое мислење е дека ќе биде потребно во иднина да се гради и дом за ваквите лица со попреченост, кои ќе останата без своите најблиски.
*Во ЈУ МЦСР Гевгелија, евидентирани се и зависници од дрога и од алкохол. Каква е ситуацијата со нив, како постапувате и дали сте загрижени нешто кај овие зависници?
– Овие лица ја користат социјалната услуга „третман и рехабилитација“ во терапевтската заедница „Покров“ – Струмица, како овластен давател на услугата. Од 2020 година, па до денес, неа ја користеа деветмина зависници од дрога и двајца зависници од алкохол. Она што треба да нè загрижува како заедница е дека кај малолетната популација, поточно кај децата од 18 години до 21 година, имаме сознанија дека состојбата е загрижувачка. Поголем процент од нив редовно користат алкохол на ноќните забави во текот на викендите, а, исто така, и дрогата им е лесно достапна. Возрасната граница за тоа кога првпат стапуваат во контакт со дрогата и со алкохолот, во последно време е сè пониска и е од 11-12-годишна возраст.
Оваа информација укажува дека сериозно треба да се пристапи кон оваа негативна појава кај младите во Општина Гевгелија, со соодветно преземање на сите мерки, за што сметаме дека се потребни мултисекторски пристап, вклученост и соработка на сите институции што работат со младите. Од особена важност се превентивните програми и едукации во училиштата, но, исто така, предлагаме почести засилени контроли од службените лица на МВР во ноќните часови во текот на викендите, кога излегувањето на младата популација е прилично зголемено.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ