„Веруваме во европските вредности можеби повеќе и од некои земји членки. Можеме многу да ѝ дадеме на Европа. Ние сме дел од Европа и ги делиме истите вредности. Мора секогаш да имаме на ум дека Европа е формирана за да биде најмоќна заедница. Затоа, Европа мора да ги отвори вратите. Веруваме и очекуваме дека оваа година нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите“, порача премиерот Зоран Заев од Австрија.

-Сакаме да ги почнеме преговорите, односно да продолжиме со мотивацијата на ЕУ и да ја докажеме нашата земја. Во минатото Балканот беше темпирана бомба, но сега многу нешта се сменија. Сѐ повеќе сме Европејци. Преку овие промени, многу нешто се случија само поради една причина, која ја спомна комесарот Хан, односно поради силата на ЕУ. Таа нѐ привлекува, нѐ води и нѐ мотивира. Европа треба да остане најсексапилна девојка во светот, која ќе нѐ мотивира да продолжиме во овој правец, рече Заев.

Заев во Република Австрија учествуваше на форумот Европа – Вахау, на кој воведни обраќања имаа претседателот на форумот и министер за домаќинство, труд и меѓународни односи во Владата на долна Австрија, Мартин Ехтингер, Јоана Микл Летнер, гувернерка на Долна Австрија, како и федералната канцеларка на  Република Австрија, Бригите  Бирлајн.

На панелот, покрај премиерот Заев зборуваа и еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан, како и Антонио Тајани, претседател на Европскиот парламент.

Подвлекувајќи дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива, освен членство во Европската Унија, премиерот Заев пред присутните високи гости истакна дека Република Северна Македонија направи низа реформи во правосудството, во  јавната администрација, како и во безбедносните служби.

„Преку дијалог најдовме решение после 28 години. Создадовме модел за решение и притоа го зачувавме идентитетот на двете страни. И во моментов ги жнееме ефектите од овој договор. Сите земји членки на Унијата, можеме да ги донесеме бенефитите заедно. 15 години сме земја кандидат за членство во Унијата и време е да го преминеме прагот“, посочи премиерот Заев и додаде дека дури и земјите кои се двоумеа за можноста да се проширува Европската Унија полека го менуваат своето мислење.

 

РАЗЛИКИТЕ ВО СТАВОВИТЕ НЕ СЕ НАДМИНАТИ

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ се во постојан контакт и разговараат за заклучоците за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Со оглед на политичката чувствителност на прашањето, конечната одлука ќе ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ во вторник, брифираат за МИА извори во Советот на ЕУ.

Засега на амбасадорско ниво се произведуваат редовно нови нацрт-заклучоци за претстојниот министерски совет во вторник.

– Последната верзија за Северна Македонија и за Албанија гласи дека земјите членки на ЕУ ќе се навратат на прашањето со изгледи за носење позитивна одлука во најкус можен рок и не подоцна од септември 2019, дознава МИА од дипломатски извори.

Според дипломати присутни на амбасадорскиот состанок во средата во Брисел, „огромно мнозинство“ земји членки сакаат да видат позитивни заклучоци, посебно за Северна Македонија, на Советот на 18 јуни во Луксембург, но разликите во ставовите сѐ уште не се надминати.

Во овој момент се дискутира за тоа како да му се пристапи на ова прашање, а воедно да се земе предвид германскиот парламент кој има свои рокови, и пробуваме да имаме некаков исход, и него што подобро да го изменаџираме, велат извори во советот на ЕУ.

Романското претседателство има обврска да ги следи ланските заклучоци во кои министрите се заложија да се навратат на ова прашање на Советот за општи работи овој месец, објаснуваат дипломатите.

Во овој момент, „повеќе опции се на маса“, но детали слабо протекуваат, иако никој не ја негира, но не ја ни потврдува, можноста од одвојување на Скопје и Тирана во конечните заклучоци во вторник во Луксембург.

-Постои признание дека има разлики помеѓу двете земји, вели еден дипломат за МИА, но засега во нацртите не се одвојуваат, додаваат од советот.

Разликите се темелат, пред сѐ, на самите наоди на Европската комисија во последните извештаи за напредокот на земјите од регионот, каде за Албанија, и покрај препораката за почеток на преговори, се констатираат сѐ уште одредени слабости, како отсуството на политички дијалог и недоволни напори во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Земјите членки се исто така свесни дека Северна Македонија е во посебна положба поради склучувањето и ратификацијата на Преспанскиот договор, кој мора да биде награден на некаков начин.

И покрај отпорот на одредени земји членки, дипломати за МИА брифираат дека одвојувањето на Тирана и Скопје останува можна опција, веќе во јуни или јули, посебно откако холандскиот Парламент пред неколку дена гласаше против датум за преговори со Албанија, но не и со Северна Македонија.

По гаранциите добиени од страна на германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со премиерот Зоран Заев во Берлин, се врати надежта дека веќе во јуни е можно да се издејствува сериозен политички сигнал за датумот за преговори.

Една од варијантите за заклучокот во јуни, за која притискаат неколку земји членки, е да се даде гаранција за почеток на процесот на преговори и да ѝ се додели мандат на Европската комисија за изготвување на преговарачката рамка, опција која минатата година беше експресно отфрлена од страна на Франција.

Доколку на 18 јуни земјите членки постигнат консензус за ваков заклучок во кој се споменува изготвување на преговарачка рамка со Македонија, и евентуално одржувањето на првата меѓувладина конференција (која го означува стартот на преговорите), тоа би било недвосмислена порака дека Северна Македонија влегува во преговарачкиот процес со ЕУ со јасна перспектива, сметаат поддржувачите на проширувањето во Брисел.

Останува дека отпорот од Франција не е сосема надминат, сметаат дипломати од земја членка сосед на Северна Македонија, и претстојниот Совет за општи работи во вторник во Луксембург би можел повторно да се претвори во долга и макотрпна рунда преговори помеѓу министрите на Унијата.Во Берлин веќе нема дилеми околу напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Сè поизвесно е дека Албанија, поради политичката криза, ќе отпадне од пакетот, пишува германската новинска агенција ДПА.

Како што објави денеска Дојче веле на македонски јазик, и покрај критиките од конзервативната ЦДУ, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и натаму се залага за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Притоа тој наведува дека одлука на таа тема нема да биде донесена на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ следната недела.

– Сакаме да бидат отворени пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави политичарот од редовите на германските социјалдемократи во четвртокот.

Со оглед на отпорот на Франција кон таквиот чекор, Мас вели дека може и подоцна да се одлучи кога ќе се отвори можност да се убедат и скептичните држави.

Заменик-шефот на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Јохан Вадефул вели дека без оглед на ваквите ставови, Парламентот дури на крајот на септември ќе ѝ даде зелено светло на Владата.

Тој искажува сомнеж дали Албанија, со оглед на внатрешно-политичките превирања, навистина е подготвена за почеток на преговори. Мас, пак, посочува на позитивното мислење на Европската комисија.

Холандскиот Парламент во средата се изјасни за почеток на преговори со Северна Македонија, но не и со Албанија. Конечната одлука, ЕУ ќе ја донесе во октомври.

Канцеларката Ангела Меркел во четвртокот се сретна со премиерот Зоран Заев во Берлин. Позитивно изјаснување за оваа земја во германската влада е неспорно, затоа што Владата во Скопје го реши деценискиот спор со Грција и прифати промена на државното име, пишува агенцијата ДПА.

„Доколку сега не дојде признанието за Северна Македонија со датум за отворање на поглавјата, ќе се доведе во прашање кредибилитетот на ЕУ. Јас верувам дека мотивацијата за силата на привлекување на земјите кон ЕУ ќе опстои зашто успехот на нашата земја е мотивација и за другите земји во регионот. Одлагање на одлука за датум за нас ќе ги врати на сцената радикалните националистички сили и интересот на трети страни“, нагласи премиерот Заев и дополни дека не треба да преовладува чувството на изневереност.

РАМА: НЕ Е ПРАВЕДНО, А НИ ПРАКТИЧНО ПЕНДАРОВСКИ ДА БАРА РАЗДВОЈУВАЊЕ ОД АЛБАНИЈА

Албанскиот премиер Еди Рама преку Фејсбук реагираше на изјавата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во која тој вели дека раздвојувањето на Северна Македонија од пакетот со Албанија, не е добро, но е единствен можен начин за добивање зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.

Рама овој став на претседателот Пендаровски го смета за зачудувачки, притоа потсетувајќи на „клучниот придонес на Албанија и Албанците во демократските процеси кај соседната земја“.

Според него ова барање од страна на Пендаровски, е неправедно.

„Претседателот Пендаровски подразбира фаворизирање на раздвојувањето од Албанија во преговорите. Изненадувачки е овој пристап, особено кога го зема предвид клучниот придонес на Албанија и Албанците за демократските случувања и за европскиот пат на пријателската држава. Тоа, фактички не изгледа ниту праведно, ниту практично“ – вели Еди Рама, премиер на Албанија.

Изјавата на македонскиот претседател ја коментираше и поранешниот шеф на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, според кого раздвојувањето на Македонија од Албанија би била стратешка грешка на ЕУ.

Пендаровски изјавата ја дал за Еуроактив за време на посетата во Брисел, при што додал дека најголем проблем е како да се изведе раздвојување.

„Во Албанија е хаос сега. Опозицијата ги напушти институциите. Што да кажеме? Ние имавме позитивна препорака од комисијата и претходно, а и порано сме биле одвоени од Албанија“, изјавил Пендаровски за Еуроактив.