Северна Македонија се вклучува во изградбата на енергетскиот проект во близина на Александропулос

Поддршка за вклучувањето на Северна Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос даде и помошникот на Мајк Помпео кој е задолжен за енергетика Францис Фанон, а неодамна беше отворено прашањето за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје

622

Северна Македонија се вклучува во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос, а ќе се оживува и нафтоводот Солун-Скопје. Прашањето за повторно отворање на нафтоводот Солун-Скопје беше и една од темите за кои се разговараше за време на трипартитната средба меѓу Грција – Северна Македонија и САД.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази поддршка од САД за геополитичката важност на енергетските проекти што се спроведуваат во поширокиот регион.
Поддршка за вклучувањето на Северна Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос даде и помошникот на Мајк Помпео кој е задолжен за енергетика, Францис Фанон.
-Со поддршка на САД како наш стратегиски партнер и сојузник во НАТО, Северна Македонија во наредниот период ќе иницира неколку проекти кои ќе бидат значајни за земјата и регионот. Станува збор за вклучување на земјата во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос, проект кој создава можност за трајно и стабилно снабдување со гас на нашата земја, која ќе стане и точка од каде што гасот ќе се дистрибуира во регионот и земјите што ќе покажат интерес, изјави премиерот Зоран Заев.
Со ова поврзување се обезбедува уште една можност за добивање гас од Азербејџан.
-Она што го гледаме овде е навистина голема трансформација, гледаме еден нов енергетски развој. Грција е еден вид предводник во тоа со инфраструктура за прием на овие ресурси, со приклучување на помали земји во еден поголем пазар што ќе овозможи трансформациски економски напредок и на земјата и на целиот регион, оцени Фанон.
Местото на Северна Македонија во овој проект е важно во однос на географската положба како регионален центар, што ќе привлече американски инвестиции. САД имаат долгорочен интерес за безбедноста на енергетиката и сакаат да промовираат диверзификација на енергија со повеќе опции. Според Фанон ако има само еден извор, нема пазар, туку зависност.
Заев рече дека покрај овој проект, американска поддршка има и за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје, за што се водат разговори со „Хеленик петролеум“, кој е изграден во 2000 година и престана да работи од 2013 година.
-Претстојат преговори со „Хеленик петролеум“ и се надевам ќе изнајдеме пријателско решение за овој капацитет да биде ставен во функција. Идејата на „Хеленик петролеум“ е да го надгради како продуктовод на деривати, со што ќе се создаде хаб-центар и, освен домашниот, би се снабдувале и пазарите на другите земји од регионот, рече Заев.