Се повлекувам, тоа е мојата конечна одлука

209

Фудбалската репрезентација на Шпанија доби нов селектор во Роберто Морено, кој до пред неколку часа беше прв помошник на Луис Енрике. Поранешниот предводник на Селта, Рома и Барселона мораше да се повлече поради приватни причини кои го мачат уште од месец март.

  • Поради причините кои ме спречија нормално да функционирам како тренер почнувајќи од март, па сè до денеска, јас решив да се повлечам од селекторската функција. Голема благодарност до Федерацијата за укажаната доверба и разбирање. Посебна благодарност до мојот тим и до играчите за нивната професионалност. Нема да заборавам да им се заблагодарам на медиумите за дискрецијата и почитувањето околу целата ситуација. Благодарам од дното на моето срце, напиша Енрике во официјалното соопштение.

Целиот случај и понатаму е мистериозен, а така и ќе биде затоа што медиумите, особено шпанските, му обезбедуваат мир на сега веќе поранешниот селектор. Сè уште нема никаков конкретен детаљ околу донесената одлука, но познато е дека Луис Енрике има сериозен фамилијарен проблем поради кој не беше предводник на „црвената фурија“ на последните три квалификациски натпревари за ЕП 2020.

Откако дозна за сериозниот фамилијарен проблем, Енрике од сите во репрезентацијата побара апсолутна дискреција и замоли никако да не биде откриена вистинската причина поради која мора под итно да си замине од репрезентацијата која се подготвуваше во базата на Малта.

Федерацијата експресно организираше приватен лет од Малта до Барселона, а Енрике си замина четири часа по полноќ, заедно со психологот на репрезентацијата Жоакин Валдес.