Салата „Партизан” во октомври ќе блесне во сиот свој сјај

308

Реконструкцијата на некогашната култна сала „Партизан“ ќе заврши во октомври, кога се  очекува објектот да биде пуштен во употреба, најави на својата фејсбук-страница директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

-Расчистен е градежниот шут со кој беше затрупан објектот, реконструирани се покривните површини со замена на нов термоизолациски покрив и нови олуци. Во внатрешниот дел изведени се нови преградни ѕидови, нови санитарни јазли и поставена е нова водоводна и хидрантна инсталација – напиша Мојсовски.

Тој додава дека во наредниот период ќе следува поставување кошулица, молерисување на ѕидовите, поставување плочки и санитарија во тоалетите, поставување врати, електрика и уредување на надворешниот дел околу објектот.

Агенцијата за млади и спорт санацијата на салата „Партизан“ ја започна лани во април. Реконструкцијата ќе чини 1,1 милион евра, кои се обезбедени од Владата, а изведувач на градежните работи е фирмата „Спектартермо“.

Салата „Партизан“ повеќе од 20 години не функционира и со години стоеше распадната, запуштена, искршена, полна со ѓубре и отпадоци. Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ или позната кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969 година, како донација на француската Влада за обнова на Скопје покатастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Проектот за салата е на архитектот Трајко Димитров, кој почина деновиве, на 92-годишна возраст.

(А.П.)