Далибор Драгијевиќ, братот на еден од осомничените за убиството на малата Данка Илиќ од Бор, кој во април годинава во полициската станица во Бор влезе на нозе, а го изнесоа во црна вреќа, бил жртва на полициска бруталност. Ова го сугерира содржината на извештајот од обдукцијата и вештачењето за неговата смрт, напишани на 10 страници, што ексклузивно ги објави српскиот портал „Радар“, а потоа и белградскиот Центар за човекови права.
Според официјалното полициско соопштение, Драгијевиќ починал од природна смрт по повеќечасовно испрашување во полициската станица во Бор. Полицијата тогаш соопшти дека во раните утрински часови му се слошило, по што починал. Следниот ден е направена обдукција, но извештајот никогаш не е објавен официјално.
-Врз основа на обдукцискиот наод, микроскопскиот и хемиско-токсиколошкиот преглед, смртта е насилна и настапила при пореметување на дишењето и циркулацијата, поради повеќекратни нагмечувања на мекото ткиво и скршени коски. Нагмечувањето на мекото ткиво и скршениците на коските, како и другите опишани внатрешни и надворешни повреди нанесени се со повеќекратно дејство на тапата површина на активно замавнувано механичко оружје, стои во заклучокот на извештајот што го објавија „Радар“ и Центарот за човекови права.
Во деталнит опис на она што го утврдиле вештаците се наведува дека насекаде по лицето и телото на починатиот имало крвни подливи, ткивото на стапалата било уништено, имало повреди на тестисите, како и голем број скршеници на ребрата.
„Радар“ наведува и дека Драгијевиќ од полицијата во Бор го презеле белградски полицајци кои го носеле на разни локации за да им покаже каде го сокрил телото на малата Данка, за што како доказ се сметаат извалкани делови на неговите панталони и на маицата. Потоа бил вратен во полициската станица, од каде утрото е повикана итна помош, а надлежен лекар утврдил смрт предизвикана од срцев застој.
Далибор Драгијевиќ беше клучен сведок во случајт со исчезнувањето на Данка. Тој беше осомничен дека на брат му Дејан, кој е осомничен за нејзиното убиство, му помогнал да го сокрие телото. За истото дело се сомничи и нивниот татко.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна во Бањско Поле во март годинава, а по десетдневна интензивна потрага по неа, соопштено е дека ја убиле двајца вработени во „Водовод“ Бор. Тие се оттогаш во притвор, обвинителниот акт е подготвен и се чека пресуда.