Подготвен сум за преговори со Украина, но не со Зеленски,туку со парламентот, само под услови кои тие нема да ги прифатат. Дали победата е близу, го прашаа Путин, а тој одговори дека ситуацијата драстично се менува и дека руските војници секојдневно заземаат територии. Пред да почне да одговара на тоа прашање членовите на 155-та бригада на Пацифичката флота му подарија знаме на кое пишува „Каде сме ние, таму е победата“, што го раширија зад него.
Со Киев постигнавме договор уште во 2022 година, но “човекот со добра фризура“ – Борис Џонсон и забрани на Украина да склучи мир. Вака одговори рускиот претседател Владимир Путин на едно од прашањата што му ги поставија новинарите на традиционалната новогодишна прес конференција. Русија го обвини Џонсон за колапс на преговорите и оваа година.
– Политиката е уметност на компромисот, Русија отсекогаш била подготвена за преговори, е одговорот на рускиот претседател на прашањето дали е подготвен на компромис.
Тој рече дека требале да ја нападнат Украина порано, дека е подготвен на преговори, но не со Зеленски, туку со парламентот и тоа под услови кои Украина не би ги прифатила.
Ако земјите претставуваат закана за Русија, рече тој, Русија верува дека има право да користи нуклеарно оружје против нив.
-Не знам, прашајте ги нив, одговори на прашањето дали Западот ја добил пораката со измената на руската нуклеарна доктрина со што е овозможен напад и на ненуклеарна држава доколку е поддржана од нуклеарна.
За „Орешник“, новата руска балистичка ракета употребена против Украина во ноември вели дека западната технологија „нема шанси“ да ја пресретне.
-Ајде да направиме експеримент или дуел. Изберете цел во Киев, доведете ја западната воздушна одбрана таму и видете дали ќе можат да ја пресретнат. Ќе ни биде интересно, рече тој.
За рускиот претседател падот на режимот на Башар ал Асад не е пораз на Русија иако Русија воено го поддржуваше за време на сириската граѓанска војна. Тој најави дека ќе ги задржат воените бази во Сирија, но ќе ги користат за дистрибуција на хуманитарна помош. Новинарот на НБЦ Њуз, Кир Симонс го праша за бегството на Асад во Москва. Путин рече дека не го видел од неговото пристигнување во Москва, но планира средба. Исто така, вети дека ќе го праша Асад за американскиот новинар Остин Тајс, кој исчезна во Сирија пред 12 години. Инаку, мајката на Тајс, ноќта пред конференцијата му испратила писмо на Путин во кое бара помош од него за пронаоѓање на нејзиниот исчезнат син.
-Не знам кога ќе се сретнам со Трамп, но подготвен сум. Што се однесува до вашиот коментар за мојата слабост – тие што ве плаќаат сакаат да бидам слаб, одговори Путин на второто прашање на Симонс, кој прокоментира дека тој ќе биде послабата страна на таа средба.
Во тој контекст Путин додаде дека Русија станала посилна и „ние ќе носиме одлуки без оглед на мислењата на другите“.
Билатералните односи меѓу Русија и Кина се на својот врв, со целосна доверба од двете страни, информира Путин додавајќи дека во Втората светска војна двете земји биле заедно, а заедно се и сега.
Се слушна и неговото мислење за израелската војна во Газа, по прашање што го постави турски новинар. Путин рече дека Израел „продолжува со своите незаконски активности на населување“, додавајќи дека не е сигурен кон кои цели тежи.
Додека новинарите поставуваа претежно политички прашања, граѓаните ги интересираа животни. Одговарајќи на такви прашања Путин информира дека Русија инвестира во обнова на инфраструктурата на окупираните територии во Украина. Најави и дека се планира изградба на кружна обиколница околу Азовското Море, за кое вели дека сега е внатрешно море, а го спомена и Мариупол, во јужна Украина, објаснувајќи дека нов пат ќе го поврзе со Доњецк. Во дополнителни прашања од гледачите, Путин вели дека не може да одреди датум кога Русија ќе ја врати контролата врз регионот Курск по украинската офанзива претходно оваа година.
-Нема воена смисла Украина да влезе во регионот Курск“, нагласи тој и предупреди дека ако се направи јавна обврска за датум, војниците „ќе се обидат да го исполнат без оглед на нивните животи“.
-Сè ќе се изгради. Во тоа нема сомнеж. Ќе се обноват и училиштата, градинките, патната инфраструктура“, најави тој и додаде дека секој кому му е уништен домот ќе добие отштета.
Дали победата е близу, го прашаа Путин, а тој одговори дека ситуацијата драстично се менува и дека руските војници секојдневно заземаат територии. Пред да почне да одговара на тоа прашање членовите на 155. бригада на Пацифичката флота му подарија знаме на кое пишува „Каде сме ние, таму е победата“, што го раширија зад него.
Путин одговори и на едно друго чувствително прашање поставено до граѓаните – падот на наталитетот во Русија. Ни требаат девојки, жени, рече тој објаснувајќи дека бројот на жени во репродуктивна возраст е намалена за една третина по распадот на СССР. Осврнувајќи се на руската економија рече дека е стабилна, невработеноста е намалена, а индустриското производство зголемено. На прашањето за растот на цените рече дека понудата се бори да остане во чекор со побарувачката додека платите растат и го минимизира влијанието на западните санкции, велејќи дека тие не се клучен фактор.
Прес-конференцијата почна во 10 часот по средноевропско време и некаде до пладне пристигнаа 2,8 милиони прашања. Како и обично, пресот на Путин привлече голем интерес кај домашните и странските новинари, меѓу кои кинески и француски медиуми, Си-ен-ен, Би-би-си и многу други. Прашањата од граѓаните доаѓаа со денови пред конференцијата.