Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нема време да се потпише нов договор за транзит на гас преку Украина и ја обвини земјата за одбивањето да го продолжи договорот со кој се носи гас во Словачка, Чешка и Австрија.
Тие најавија дека нема да го продолжат договорот, рече Путин, додавајќи дека Киев со тој потег ја казнува Европа, пренесе РИА Новости.
„Нема договор и невозможно е да се склучи за три или четири дена“, им нагласи рускиот претседател пред новинарите.
Договорот склучен во 2019 година за транзит на руски гас во Европа преку украинска територија истекува на 31 декември, а Киев повеќепати најавуваше дека не планира да го обнови.
Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли можноста за транзит на руски гас во Европа преку територијата на Украина по 31 декември, дури и ако го купат трети земји.