Додека пациенти поради итноста на симптомите и неможноста да чекаат со месеци за специјалистички прегледи во јавното здравство па плаќаат големи сметки во приватните болници, Министерството за здравство соопшти дека пропаднале речиси 1000 прегледи за компјутерска томографија, бидејќи пациентите не се појавиле на закажаниот термин и не си го откажале прегледот. Во Министерството бараат решение како да го решат проблемот. Апелираат до граѓаните доколку имаат закажан термин, а не можат да го искористат, барем последниот ден преку смс порака или преку докторот, да го откажат терминот. На тој начин ќе остават место за пациентите на кои навистина им треба дијагностичка процедура и ќе се намалат листите на чекање.
,,Ги следиме податоците на закажани термини и на искористени термини. Стварно се јавува еден доста голем проблем. Ние сме во постојана координација и со Мој термин и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Разговараме за да најдеме идејно решение како тоа би се надминало. На пример, изминатиот период, во Скопје за компјутерска томографија, од 4.070 закажани термини, 970 не дошле. Тоа се над 23 проценти од пациентите кои без откажување не се појавиле на тој термин,, изјави заменик министерот Јовица Андовски. Тој кажа дека ова претставува голем проблем затоа што им се зема редот на оние граѓани на коишто навистина им треба дијагностичка процедура. Во некои земји, двапати ако се откаже терминот, следува одредена парична казна или пак нема да може да закаже редовен термин за одреден временски период. Од МЗ велат дека првично ќе се аплеира, ќе се разговара со докторите и здруженијата. Од ,,Мој термин,, се праќаат пораки и потсетуваат, и Министерството велат дека дури и последниот ден да се откаже терминот, може веднаш да се ослободи за некој друг пациент.
Рекорден број на пријавени за вакцини против грип
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски на прес-конференција изјави дека годинава има рекорден број на пријавени и вакцинирани против сезонски грип. Според податоци досега биле пријавени 75.712 лица и биле вакцинирани 66.674 граѓани. ,,Статистиката покажува дека, од вкупниот број вакцинирани, речиси 42 илјади се лица над 65 години, 21.784 лица со хронични заболувања, 2.334 здравствени работници, како и 29 деца на возраст од 6 месеци до 5 години и 24 бремени жени, соопштија од МЗ
Според податоци од Институтот за јавно здравје на неделно ниво се регистрирани 67 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 42,6 отсто повеќе во споредба со претходната недела, додека во однос на моделот за последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 4,2 отсто, појаснуваат здравствените власти. Годинава нема регистрирано смрт од грип, а тоа се должело поради навременото вакцинирање. Од МЗ кажаа дека имало граѓани кои успешно се пријавиле за вакцинација, но, не добиле смс порака и не дошле на терминот.
,,Станува збор за околу 7.000 лица, кои треба веднаш да се обратат кај својот матичен лекар, каде ќе добијат информација за пунктот за вакцинација и времето кога да дојдат да се вакцинираат. Од Министерството за здравство веќе е испратен допис до матичните лекари со список на пациенти кои се регистрирале, но не дошле на терминот за вакцинација. Тие имаат можност да се вакцинираат во следниот период, појасни Андовски.
Пријавувањето за вакцинација сеуште трае преку апликацијата vakcinacija.mk. Годинава се обезбедени 80 илјади дози вакцини. Според МЗ може да се направи и дополнителна набавка на вакцини, ако има интерес за имунизација од граѓаните. (П.А)