„Децата и младите имаат ексклузивна можност да ја имаат в раце „Охридската археолошка азбука“, како прва и единствена литература од ваков тип во земјата и во регионот. Таа е наменета за деца и млади преку која на интересен, сликовит и колоритен начин ги откриваат културните богатства на својата татковина, културно се самоосознаваат и развиваат чувство за национална припадност со посебен осврт на градот Охрид и Охридскиот Регион, со цел да ја побуди нивната љубопитност, како и да ги поттикне повеќе да истражуваат за новоизучените поими“, велат авторите на ова четиво, кое своја промоција ќе има на 4 декември (12 часот) во големата сала на Општина Охрид

 

„На просторот каде што се измешани вековите и настаните, каде што секој предмет има нешто да каже и каде што фантазијата и науката одат заедно, токму тоа место е најинтересно за археолозите, и токму таму тие започнуваат да истражуваат, да копаат, да составуваат, да откриваат. Кога ќе ја состават сложувалката на целата таа приказна од минатото, со голема возбуда му ја покажуваат на светот. И на тој начин му се спротивставуваат на заборавот“, пишуваат авторите: проф. д-р Антонио Јакимовски (доктор по археолошки науки), проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска (доктор по педагошки науки), м-р Маја Јаневска (магистер по педагошки науки) и Иван Малезанов (магистранд по археолошки науки).

Општината Охрид во соработка со Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина Регионален зелен центар Охрид и Здружението Институт за европски образовни, социо-културни и економски политики „Европа за тебе“ Скопје, ја издадоа литературата за деца и млади „Охридска археолошка азбука“, која е под покровителство на градоначалникот на општина, Охрид д-р Кирил Пецаков, а чија промоција ќе се случи на 4 декември (12 часот) во големата сала на Општина Охрид.

Децата и младите имаат ексклузивна можност да ја имаат в раце „Охридската археолошка азбука“, како прва и единствена литература од ваков тип во земјата и во регионот. Таа е наменета за деца и млади преку која на интересен, сликовит и колоритен начин ги откриваат културните богатства на својата татковина, културно се самоосознаваат и развиваат чувство за национална припадност со посебен осврт на градот Охрид и Охридскиот Регион, со цел да ја побуди нивната љубопитност, како и да ги поттикне повеќе да истражуваат за новоизучените поими.

Најмладите читатели, пак, преку понудениот концепт, на еден поинаков начин, истовремено имаат можност да ги изучуваат и буквите од македонската азбука, археолошките поими и да се запознаваат со нивното значење. Затоа со право може да се каже дека оваа литература за деца и млади во исто време и јазично и археолошки описменува.

Рецензенти на литературата за деца „Охридска археолошка азбука“ се  универзитетските професори: проф. д-р Марјан Јованов (доктор по археолошки науки) и проф. д-р Ана Фрицханд (доктор по психолошки науки). Стручните соработници, господинот Паско Кузман и м-р Перо Арџанлиев, се реномирани археолози, добро познати на македонската јавност, кои преку својата стручна експертиза дадоа голем придонес за ова дело.

Интерактивниот карактер на литературата за деца и млади се согледува и преку можноста новоизучените археолошки поими да ги препознаваат во друга литература, со можност да ги воочуваат во непосредната околина и при посета на археолошки локалитети, музеи, споменици итн. Се очекува „Охридската археолошка азбука“ да биде интересно четиво за самостојно разгледување и читање, но и со можност активно да бидат вклучени наставниците, педагозите, родителите, членовите на поширокото семејство и заедницата.

Преку литературата за деца и млади, насловена како „Охридска археолошка азбука“, децата од раноучилишна возраст ќе стекнат знаења за основните поими од областа на археологијата во Охридскиот Регион. Делото е методичко-дидактички обликувано, а поимите се поврзани со културното наследство на Охридскиот Регион и Македонија.

Стекнатите знаења за основните археолошки поими на децата ќе им бидат од голема полза при изучување, запознавање и развивање на позитивни ставови кон националното културно наследство и за негово вреднување и зачувување.

Вака конципираната литература за деца ќе може да се применува како воннаставни активности во училиштето (со наставниците и со соучениците) и во слободното време заедно со нивните родители и со членовите од поширокото семејство.

„Огромното археолошко богатство на Охридскиот Регион не само што дозволува да му биде посветено едно вакво дело, туку би рекол дека би било неправедно да нема посебна книга која ќе ги опфати најзначајните и уникатните артефакти и археолошки поими од овој простор“ – вели проф. д-р Марјан Јованов, кој додава:

„Авторите на ова дело многу успешно се справиле со овој предизвик, направиле одличен избор на поими, нивни кратки и прецизни толкувања, приспособени за младата популација, а сепак доволно едукативни, при што и голем број возрасни би можеле да го користат како своевиден мал лексикон. Едно вакво дело секако ќе биде многу корисна алатка за едукација и почетно четиво на животниот пат коешто несомнено е неопходно да го запознаат и да го засакаат историското, археолошкото и уметничкото наследство“.