Промоција на „Зимски распуст“ од исландската авторка Хилдур Кнутсдотир

196
Романот „Зимски распуст“ од исландската авторка Хилдур Кнутсдотир ќе биде промовиран денеска, во 18 часот, во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје.

По повод промоцијата на романот што е преведен на македонски јазик, Кнутсдотир престојува во Скопје по покана на својот македонски издавач Паблишер.

„Зимски распуст“ е возбудлив трилер за деца и возрасни. Приказната почнува во последниот училиштен ден, пред зимскиот распуст. Родителите планираат романтичен викенд, а Берглјот и нејзиниот помал брат Браги се радуваат на слободните денови што ќе ги поминат со своите пријатели. Но, работите ненадејно се менуваат и тие мора да заминат со татко им на одмор во нивната планинска куќичка. Лути поради нарушените планови, не можат ни да претпостават дека тој зимски одмор ќе им биде најнеобичниот – и најкрвавиот во животот. Користејќи ја својата бујна имагинација, Кнутсдотир нè пренесува во една морничава хорор-приказна, толку живо раскажана што имаме впечаток дека и самите сме учесници во неа.

Кнутсдотир (1984) е сестрана авторка која објавува и драми, сценарија и кратки раскази. Почнала да пишува во своите тинејџерски години. Нејзината прва новела „Косење“ е објавена во 2011 година, а по неа следува „Пророштво“. Мрачниот роман за тинејџери „Зимски распуст“ излегува од печат во 2015 година и наскоро ги добива Исландската книжевна награда и Наградата за најдобра книга за деца на градот Рејкјавик. Кај нас се објави како дел од едицијата „Калеидоскоп“, проект поддржан од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.