Во Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, на 18 ноември, пред бројни угледни личности од општествениот и од културниот живот во Хрватска, беше промовирана книгата „Дострели на една визија“ од авторите Сашо Георгиевски, политиколог, и Љупчо Арсовски, амбасадор. Во рамките на настанот, од страна на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, која беше организатор, ѝ беше доделено признанието „Пријател на Македонија“ на поранешната премиерка на Хрватска, Јадранка Косор. Станува збор за највисоко признание, кое досега им е врачено на Стипе Месиќ, Иво Јосиповиќ и на градоначалникот на Шибеник, д-р Жељко Буриќ.

– Со особена чест го примам ова признание, бидејќи низ мојата работа и дејствување како политичарка навистина од сѐ срце ја поддржував и ќе ја поддржувам Македонија на нејзиниот европски пат. Сметам дека Македонија е ставена во многу незавидна и неправедна ситуација, но се надевам дека ќе го најде и дека ќе го оствари патот до својата цел – рече Јадранка Косор, заблагодарувајќи се за признанието.

Таа нагласи дека овој гест ѝ е особено важен, бидејќи јавноста ги заборава политичарите кога не се на власт.

И третиот хрватски претседател, Иво Јосиповиќ, кој е и почесен член на „Хрватско-македонска тангента“, истакна дека сите досегашни хрватски претседатели, премиери и политичари ја поддржувале Македонија на патот кон ЕУ и дека се надева дека ќе биде така и во иднина.

– Хрватска е навистина голем поддржувач на Северна Македонија. А, дејноста на „Хрватско-македонска тангента“, во која сум вклучен како почесен член, е навистина значајна во приближувањето и во продлабочувањето на врските не само меѓу Македонија и Хрватска туку и пошироко во регионот – посочи Јосиповиќ.

Георгиевски, претседател на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ и Арсовски, претседател на Комисијата за меѓународна соработка, мошне пластично и со многу примери, корисни парадигми и сугестии во книгата ја претставуваат дејноста на НВО. Благородната организација „Хрватско-македонска тангента“, со интересен хронолошки дискурс во рамките на последните седум-осум години од активноста и ангажманите, најмногу е посветена на доближувањето и на продлабочувањето на пријателските врски и односи меѓу Хрватска и Македонија, но и во целиот регион. Станува збор за над стотина успешно реализирани проекти во доменот на културата, уметноста, стопанството, туризмот итн.

– „Дострели на една визија“ не претставува само анализа на сегашниот опсег на „Хрватско-македонската тангента“ туку и визија за иднината во која културната дипломатија станува клучна алатка за зачувување на културните идентитети во контекст на глобализацијата. Книгата ќе ги привлече сите оние штп се заинтересирани за меѓународните односи, културната дипломатија и за развојот на регионалните културни политики, како и оние што сакаат подлабоко да ги разберат врските меѓу Хрватска и Македонија низ призмата на културата и на уметноста – посочи Сашо Георгиевски.

На настанот во Загреб, гостите беа поздравени од амбасадорот на РСМ во Хрватска, проф. д-р Милаим Фетаи, и од новата директорка на КИЦ, Мими Ѓоргоска-Илиевска.

Во музичкиот дел настапи Виктор Рафајловски, студент на Музичката академија при Универзитетот во Загреб.

Настанот се одржа под покровителство на Советот за национални малцинства на Република Хрватска.

Милена Георгиевска, специјален дописник од Хрватска

 

ИЗДВОЕНИ