Претставата „Фамилијата Адамс“, во режија на Теа Беговска, премиерно ќе се изведе на 25 декември, во 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар во Скопје. Режисерката Беговска истакнува дека: „Во денешниот свет, каде што секојдневието станува сè поголем хаос, Фамилијата Адамс е можеби симбол за издржливост. Тие остануваат цврсти во својата посветеност еден кон друг, незасегнати од тој надворешен хаос. И така сè до крај… сè до крајот на животот… а и после тоа“
„Фамилијата Адамс“ е претставата во режија на Теа Беговска, која премиерно ќе се изведе на 25 декември во 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“, во Драмскиот театар Скопје. Режисерката Беговска, која воедно е и автор на текстот и адаптацијата на сценариото од истоимениот филм, вели дека „во денешниот свет, каде што секојдневието станува сè поголем хаос, фамилијата Адамс е можеби симбол за издржливост“.
-Фамилијата Адамс е „нормалното” во ненормалното. Како светот да се претворил во една голема фамилија Адамс, која секоја општествена и социјална ненормалност ја прифаќа и живее како нормална. Овие добро препознатливи и ексцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на светот (каде што се закопани нивните предци) – „танцуваат” во својата нормалност, во своите вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на фамилијата Адамс е светилиште каде што се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс. Светилиште во кое и нормалните стануваат ненормални на свој начин, посочува Беговска.
Како што додава таа, членовите од фамилијата Адамс остануваат цврсти во својата посветеност еден кон друг, незасегнати од тој надворешен хаос, и така сè до крај… сè до крајот на животот… а и после тоа.
Во претставата улогите ги толкуваат актерите од Драмскиот театар: Предраг Павловски, Трајанка Илиева-Вељиќ, Гордана Ендровска, Нина Елзесер, Сашо Тасевски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Емилија Мицевска, Златко Митрески и Маја Вељковиќ-Пановска. Ликовите на духовите во претставата, пак, ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев.
Сценографијате е на Никола Пијанманов, кореографијата на Бојан Лазаров, костимографи се Ратка Џамбазовска-Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски.
Од Драмскиот театар нагласуваат дека во претставата се користат пиротехнички средства и нагласени звучни ефекти.
„Фамилијата Адамс“ е последната премиера за 2024 година на Драмски, а првата наредна изведба е на 27 декември во 20 часот.