Во Македонскиот народен театар, на 16 и 17 декември, со почеток од 20 часот, ќе се одиграат две премиерни изведби на претставата „Замисли нов свет“, составена од сцени на познати драми на Горан Стефановски. „Претставата треба да отвори, не да одговори, некои општествени прашања за вредносниот систем и да ги покаже аномалиите во општеството“, истакна режисерката Нела Витошевиќ
Составена од сцени на познати драми на Горан Стефановски „Замисли нов свет“ е новата претстава на режисерката Нела Витошевиќ, во драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска, што премиерно ќе се прикаже на 16 и 17 декември, од 20 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар. Станува збор за претстава, во продукција на „Сектор филм“ и МНТ, која е колаж од култните драми „Црна дупка“, „Лет во место“, „Чернодрински се враќа дома“, „Диво месо“, „Тетовирани души“ „Кула вавилонска“ и едночинката „Сега му е мајката“ на реномираниот македонски драмски автор.
Како што рече режисерката Витошевиќ на денешната прес-конференција најавувајќи ја премиерата, земени се сегменти од драми, доминантно од првата творечка фаза на Стефановски.
„Со Ана Ристоска-Трпеноска како појдовна точка тргнавме од светот на Стефановски – од театарот, и сакавме да ја подвлечеме моќта на театарот да создава нови поинакви приказни. За таа цел одбравме седум сцени од култните драми од првата фаза на творештвото на Стефановски и една од втората фаза и ги споивме во една целина во којашто се испреплетуваат неколку теми. Тие се себе спознавање или потрага по идентитет – секој да ја најде и преиспита својата приказна и да биде спремен да ја создава, потоа темата на генерациски јаз и на крај – она што е карактеристично за Горан – театарот да го направи една арена на која се спротивставуваат различни гледишта, а оттаму публиката да ја одбере својата вистина и приказна. Тие се темите по кои се држевме при изборот на сцените што се најпознати од неговите драми, а ставени во една постмодернистичка рамка. Како сврзно ткиво користиме песни кои се компонирани од Огнен Анастасовски“, рече Витошевиќ.
Додаде дека во претставата некаде има сцена во целина, а некаде е направен и спој на неколку сцени, во зависност од драматуршката рамка и она што е битно да се каже. „Претставата треба да отвори, не да одговори, некои општествени прашања за вредносниот систем и да ги покаже аномалиите во општеството. Има и негови изјави и извадоци од интервјуа. Но сè што е користено во претставата, и текстовите на песните, се на Стефановски“, истакна Витошевиќ. Објаснувајќи го насловот на претставата „Замисли нов свет“, рече дека кога контекстот во кој се случува дејството е грд свет или општество во распаѓање, еден од ликовите пробува на поетичен начин да го замисли светот поинаку…
За Витошевиќ, претставата претставувала предизвик, особено бидејќи станува збор за колаж, а не едно дело, но и затоа што Стефановски ѝ бил професор по драматургија. „Чест ми е да работам претстава од мојот професор. Ние заедно се договаравме додека беше жив, но тоа не се оствари. Ние, театарските луѓе сме заразени од неговите дела и пред да тргнеме на факултет, растени сме со неговите текстови и реплики“.
Во „Замисли нов свет“ играат Игор Ангелов, Верица Недевска, Дамјан Цветановски, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски, односно актери од Драмски театар, МНТ и млади надежи. Прашана за кастингот, режисерката истакна дека сакала да направи екипа која ќе донесе нова енергија. Директорот на МНТ, Никола Кимовски, пак, посочи дека претставата е добар пример за размена на актери од различни театри.
Актерката Верица Недевска со оваа претстава после дваесет години се враќа на театарската сцена. На прес-конференцијата рече дека актерите толкуваат повеќе ликови во претставата. „Трансформацијата беше природна, бидејќи располагавме со одлична драматизација, изборот на сцените игра улога во тој процес и за нас беше лесно да се занимаваме со реплики кои толку пати сме ги чуле, а сепак даваат некоја новост, свежина. Иако е колаж, сепак станува збор за засебен драмски текст кој има своја логика и целина“, додаде Недевска.
За актерот Игор Ангелов, пак, Горан Стефановски е многу актуелен, иако драмите се пишувани пред повеќе од триесет години. „Замисли нов свет – наспроти градот во кој живееме кој е најзагаден во светот, држава во која многу луѓе се отселени, кои го бараат идентитетот, интегритетот… Актуелноста на Горан и преку „Лет во место“, „Диво месо“, „Тетовирани души“ е неверојатна“, истакна Ангелов.
За Дамјан Цветановски, пак, текстот се бави и со творештвото на Горан Стефановски и како тоа влијае на светот, но и со важноста на театарот, воопшто.
Композитор е Огнен Анастасовски, сценограф Костантин Трпеноски, костимографка Роза Трајчевска-Ристоска, а продуценти Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на МНТ, а претставата е иницирана и финансиски поддржана од Телеком. (Н.И.Т.)