Правосудниот систем меѓу „робусна акција“ и ,,дворски игри“

278

По тврдењата од власта дека обвинители кога треба да постапуваат по случаи на висока корупција и криминал земаат боледување и по најавите на премиерот за ,,робусна акција,, против корумпираните обвинители и судии и прозивките до Љупчо Коцевски да си ја врши работата за која граѓаните го плаќаат, државниот обвинител им постави рок од десет дена на обвинителите да ги решат предметите за финансиски криминал. Тој обвинител што ќе ги одолговлекува истрагите, ќе биде вонредно ,,чешлан,, од страна на шефот на обвинителството. Академик Владо Камбовски за весникот ВЕЧЕР изјави дека Европската унија очекува од нас, како правна држава, конкретни дела во борбата против криминалот и корупцијата. Она што се постави како прашање во јавноста е дали оставката на претседателката на судскиот совет Весна Дамева е почеток на крајот на една ера во правосудниот систем и дел од цврстата акција против корумпираните судии и јавни обвинители која ја најави власта? Додека Дамева се пожали дека јавните настапи на премиерот за нејзината работа ги доживува како притисок, Владата не гледа дека нејзината оставката негативно ќе се одрази на напредокот на земјата во делот за правосудство бидејќи негативните поени кои ги имавме како држава доаѓаат од непостапувањето на правосудството во целина и огромниот број на скандали што се случуваат таму

По тврдењата од власта дека обвинители кога треба да постапуваат по случаи на висока корупција и криминал земаат боледување и по најавите на премиерот за ,,робусна акција,, против корумпираните обвинители и судии и прозивките до Љупчо Коцевски да си ја врши работата за која граѓаните го плаќаат, државниот обвинител им постави рок од десет дена на обвинителите да ги решат предметите за финансиски криминал. Тој обвинител што ќе ги одолговлекува истрагите, ќе биде вонредно ,,чешлан,, од страна на шефот на обвинителството.

,, Јавниот обвинител на РСМ донесе Задолжително  упатство со кое заради заштита на јавниот интерес и за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес. На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување, стои во соопштението на Државниот обвинител Коцевски.

Дека Европската унија очекува од нас, како правна држава, конкретни дела во борбата против криминалот и корупцијата смета Академик Владо Камбовски.

,,Ние како држава повлекуваме значајни средства од планот за раст што го усвои ЕУ минатата година , за владеење на правото, судството и јавното обвинителство, борбата против организираниот криминал и корупција. Со овој патоказ за владеење на правото се предвидени понатамошните чекори во делот на судските реформи на Судскиот совет и законот за јавно обвинителство, но паралелно треба да се направат напори за спроведување на стратегиите за судството. Не само да се изменат законите туку и да се поведат постапки за случаи на криминал и корупција и обезбедување на правда во делот на судството.Според тоа јас очекувам бидејќи повеќе пати беше најавувано тоа да има конкретни активности на разоткривање на криминал и корупција, вели универзитетскиот професор Камбовски.

Ургенцијата која Државниот обвинител ја испрати до обвинителите за приоритетно решавање на предметите од областа на финансискиот криминал и корупција, доаѓа по тврдењето од ВМРО ДПМНЕ дека  Коцевски шест месеци нема покренато обвинение.

,, Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас. Коцевски не постапува по наводите за криминал во Онкологија, ЈПДП, Државна Лотарија, ТЕЦ Неготино, РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, Министерството за здравство, нивите купувани вдолж трасата за автопатот Скопје – Блаце и мноштво предмети за кои известуваа медиумите. Коцевски треба да знае дека правдата не смее да чека, граѓаните заслужуваат правда и не можат повеќе да трпат неуспех, несериозност и непрофесионалност од судиите и обвинителите, стои во партиското соопштение.

Дополнително, обвинителството го сврте вниманието со серијата јавни настапи на суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, па место арена за борба со криминалот и корупцијата, барокната зграда доби функција на дворски игри, а актерите место резултати од работата, си разоткриваа местенки, притисоци и забошотување на предмети. Јавното обвинителство во соопштението објави дека му е покрената дисциплинска постапка на Вишиот обвинител поради неправилности во постапување по предмети.

За не (професионалноста) во обвинителствата, неодамна пишуваше и колумнистот во весникот ВЕЧЕР, адвокатот Звонко Давидовиќ.

,,Поразително е кој сè раководи и го менаџира обвинителството, кој сè е одговорен за гонење и борба со криминалот. По утрото денот се познава, па не е ни чудно што кандидатите за Академијата за судии и обвинители, а кои претендираа за обвинителски места, поднесоа фалсификувани дипломи и уверенија за познавање на странски јазик. Не помина долго време, а читавме и се смеевме на вработувањата на внуките, сопругите, за правење недоветни на очигледни кривични дела од високи функционери кои се недопирливи. Се гадевме од леснотијата со која ги прикриваат и покриваат сторителите на сериозни кривични дела и корумпирани функционери, кога не покренуваа постапки и не бараа одговорност за луѓе кои изгореа во квази болница, напиша Давидовиќ во колумната „Театарче лево ќоше, театар за судии и обвинители“.

Она што се постави како прашање во јавноста е дали оставката на претседателката на судскиот совет Весна Дамева е почеток на крајот на една ера во правосудниот систем и дел од цврстата акција против корумпираните судии и јавни обвинители која ја најави власта? Додека Дамева се пожали дека јавните настапи на премиерот за нејзината работа ги доживува како притисок, Владата не гледа дека нејзината оставката негативно ќе се одрази на напредокот на земјата во делот за правосудство.

,, Негативните поени кои ги имавме како држава доаѓаат од непостапувањето на правосудството во целина и огромниот број на скандали што се случуваат таму. Ќе имаме робусна борба против состојбите кои се во делот на правосудството и тоа не го цениме како притисок, ијави Марија Митева портпарол на Владата.

На социјалните мрежи деновиве се објавија фотографии на Весна Дамева во друштво со поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, со тврдење дека била дел од советот за правда во партијата, таа пак демантира дека е член на партијата и оти како граѓанин и дел од системот е симпатизер и гласач на избори. Дамева дојде во Судскиот систем на предлог на претседателот Пендаровски, на функцијата прв човек на советот дојде откако тогашната претседателка Павлина Црвенковска си поднесе оставка со сличен изговор, дека против неа се води медиумска хајка и оти не одговарала на судско-бизнис-елитата. Од опозициската СДСМ велат дека заканите врз судиите и обвинителите ја загрозуваат независноста на правосудниот систем со долгорочни последици врз демократијата.

,,  Власта на ДПМНЕ и Мицкоски наместо да спроведува реформи сака да го стави правосудниот систем под нивна контрола и да го користи како алатка за партиски цели. Притисокот врз Судскиот совет е дел од широка стратегија на Мицкоски и ДПМНЕ за целосна партизација на институциите и повторно заробување на судствотото. Процес којшто е дури и побрутален од времето на режимот на Никола Груевски, изјавија од СДСМ. (П.А)

 

 

ИЗДВОЕНИ