Група американски федерални и државни обвинители, судии и верски водачи денеска го повикаа претседателот во заминување Џозеф Бајден да им ги ублажи казните на десетици осуденици на смрт во федералните затвори. Пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој ја поддржува смртната казна, да ја преземе функцијата следниот месец.
Во писмото тие го повикуваат Бајден да ги претвори сите смртни казни на осудениците во федералните затвори во доживотни затворски казни без помилување, наведувајќи дека смртната казна е „варварска, расистичка, неморална и застарена“ практика, пишува Вашингтон Тајмс.
„Смртната казна (на федерално ниво) претставува длабок неуспех на нашиот правосуден систем, преполн со нееднаквости и грешки кои го поткопуваат неговиот легитимитет. Со ублажување на казните на осудените на смрт, претседателот Бајден може да преземе решителна акција за да спречи овој длабоко дефектен систем да предизвика дополнителна штета“, рече Брајан Портер, адвокат од Вирџинија.
Има 40 затвореници кои чекаат егзекуција во федералните затвори, додека повеќето други лица осудени на смрт се во затвори управувани од поединечни држави.
Бројките од групата за човекови права Националната асоцијација за унапредување на обоените луѓе (NAACP) покажуваат дека има вкупно 2.180 затвореници на смртна казна во САД.
Во последните шест месеци од првиот мандат на Трамп, во федералните затвори беа егзекутирани рекордни 13 затвореници, а пред тоа федералната влада немаше извршено ниту една смртна казна во последните 17 години.
Доколку Бајден им ги олесни казните на осудените на смрт, Трамп нема да може да ги укине, но претходно вети дека ќе стави крај на мораториумот на егзекуциите, пренесува Танјуг.