Правда за Вања и Панче мора да има!

Една година од грозоморното убиство што ја дигна на нозе македонската јавност

472

Утрово во 7:20 минути, мојата ќерка Вања Ѓорчевска, излезе на училиште и ѝ се губи секаква трага. Облечена е во црни пантолони со странични џебови,светло плав џемпер црна кратка зимска јакна и бели најк патики, со кафеава лента на ѓонот. Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон „Песталоци“. Доколку имате каква било информација,  јавете се… пред една година осамна порака на социјалните мрежи од загрижената мајка Зорица, по што се „дигна на нозе“, целата држава во потрагата по 14-годишното девојче. Неколку часа подоцна, ликот на Вања беше облепен низ целата населба Буњаковец, полицијата сподели опис на девојчето кое тоа студено ноемвриско утро не се појавила на првиот час. Деновите одминуваа, а полициската истрага немаше конкретни траги. „Ја видовме како се качува во автомобил“, луѓето се препознаваа и даваа лажни надежи за семејството. Неколку дена подоцна, на 3 декември минатата година, ден недела, кај местото викано Бразда, во околината на Скопје, полицијата ја пронаоѓа Вања, закопана во дупка, камуфлирана со јоргани и перници за спиење. Цела недела траеше неизвесноста за тоа што се случило со девојчето.

Вака, пред точно една година започна еден од најтрагичните настани во поновата историја на Македонија што ја потресе јавноста и кој сè уште чека правна завршница.

Уште повеќе кога полицијата на 4 декември, на прес-конференција, заедно со јавниот обвинител ги соопштија деталите. „Приведени се петмина, три лица се во притвор, приведен е и таткото на Вања, а едно лице е во бегство. Мотивот е користољубие, при што едно од лицата во договор со член на семејството го организирал кривичното дело за да се изнудат пари од мајката. Таткото споделил информација за денот и времето на излегување на неговата ќерка од дома. Околу 10 часот (истиот ден) со пиштол било извршено убиството на Вања, а потоа запалено возилото со кое таа била грабната“ – изјави тогашниот министер Спасовски на прес-конференцијата во Јавното обвинителство.

Речиси цела недела се бараше исчезнато, а девојчето беше киднапирано и ликвидирано само два часа по грабнувањето од влезот на нејзината зграда на улицата „Наум Наумовски Борче“, што се наоѓа во близина на фонтаната кај градскиот парк.

Цела Македонија живееше во страв и паника, си ги пречекуваа децата од училиште и од вечерните излегувања. Вечерта кога се пронајде телото на Вања, Спасовски, сподели информација со медиумите дека се најдени и дадени на вештачење два пиштола. Каде е и кое е оружјето со кое обвинетиот Палевски пукал директно во Вања, допрва следува на судскиот процес за двојното убиство кога ќе се изведуваат материјалните докази.

Обвинителството преку досегашните сведоци, го докажува мотивот дека групата го киднапирала девојчето со цел да изнудат пари од мајката, оти Палевски бил во долгови и секојдневно го притискале за пари и тоа дека таткото Александар цело време знаел за киднапирањето, но она што не го очекувал е дека си има работа со ладнокрвен убиец.

Многу прашалници од досегашниот тек на судењето против Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски, тројца членови на партија и нивниот лидер кому му се покорени и лојални. Александар секогаш седи на последниот ред од делот во судницата, предвиден за обвинети, и единствено што има изговорено е дека „живее за да го дознае убиецот на неговото дете“. Молчи и мирно седи со наведната глава, додека првообвинетиот Палевски е секогаш расположен за блицовите од фотоапаратите и живее за моментот кога судијата ќе му даде право на прашање до сведоците.

Од досега слушнатото, семејството Ѓорчевски го поврзува со Палевски, станот во кој живее мајката од каде е киднапирана Вања, продаден преку фирмата на Палевски, „Упа Инженеринг“. Понатаму исказот дека Александар е забележан во старото седиште на Десна и сведоците Кираца со синот Гоце Трајковски, кои имаат кумашински врски со Ѓорчевски, а роднински со Палевски. Токму дејствувањето на Трајковски во истрагата ја наоѓа снимката со „ситроенот“ на Панче, клучниот доказ на полицијата што ги поврзува двата случаја. Мистериозниот сведок Гоце Трајковски се очекува да се појави на следното рочиште закажано за 16 декември.

Од последното судење, пак, кога сведок ја објаснуваше траекторијата на движење на возилата, јавноста ја доби јасната слика за грабнувањето на Вања. Девојчето не е регистрирано на ниту една од вкупно 50-те камери по градот. Во раните утрински часови, Вања ја киднапираат од внатрешниот дел на  влезот на зградата, во вреќа за спиење ја ставаат во „ситроенот“ на претходно убиениот Панче, по улицата „Партизанска“, преку Рузвелтова, возилото е фатено кај Палас во насока кон Kачанички пат. Групата не користи телефон туку комуницира преку радио врска. „Ситроенот, во чиј гепек со врзани раце, нозе и уста седи Вања, беше пронајден опожарен во близина на местото на убиството.

Обвинителството докажува дека Вања е убиена поради паника кај обвинетите која ја создале откако увиделе дека има голема истрага за исчезнувањето.

Од она што е досега познато, Палевски не бега веднаш, а следниот ден поправал котел за парно кај пријател. Ја поминува границата по неколку дена, а Влатко Кешишев и раскажува на полицијата што направиле, со цел да си ја олесни душата. Палевски и од затвор се обиде „лидерски“ да дејствува врз Кешишев, но обвинителството е уверено во цврстината на доказите. Велат.. Правда за Вања и Панче ќе има.   (П.А.)

ИЗДВОЕНИ