Почнува претседателската трка – на 21 април ќе се избира шестиот македонски претседател

115

Партијата на власт се уште ги крие и имињата на кандидатите за шеф на државата, а така ќе биде најверојатно до партискиот конгрес кој треба да се одржи на 3 март. Во јавноста се погласно се зборува дека СДСМ на крај ќе излезе со Никола Димитров како кандидат за претседател на државата, на негово место би дошла сега актуелната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на нејзино место би заминал Стево Пендаровски, додека Оливер Спасовски, кој е во сериозна конкуренција за претседателски кандидат, би останал и натаму “прв полицаец”.


Се поизвесно е дека на пролет ќе се трчаат само претседателските, а не и парламентарни избори.
Граѓаните на 21 април ќе го избираат шестиот македонски претседател. На истиот датум ќе се одржат предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.

Решенијата за распишување на изборите вечерта на 8 февруари ги потпиша претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, согласно законската обврска која ја има. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај. Решенијата за распишување на изборите се доставени до Државната изборна комисија, како орган за спроведување на изборите. Џафери смета дека секои нови избори се можност за надградба на добиената позитивна оценка од претходните.

– Патот за НАТО и ЕУ е трасиран. Триесеттото столче во НАТО е веќе наше. Сега останува одговорна и посветена работа на исполнување на неопходните критериуми за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Во период кој доаѓа Република Македонија ќе го полага тестот на капацитетот и зрелоста. Фер и демократски избори се еден од условите по кои ќе не вреднуваат и оценуваат. Затоа ги повикувам сите учесници во претстојната претседателска изборна кампања, политичките партии и вас, граѓаните, да направиме максимални заложби Република Македонија да добие уште едни избори какви што и доликуваат на европска демократска држава заради остварување на стратешките евроатлантски аспирации на државата и заради доброто на граѓаните, изјави Џафери.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера уште еднаш го повика премиерот Зоран Заев да се оди и на предвремени парламентарни избори и дека се уште може да се запазат скратените рокови предвидени со Пржинскиот договор.

Па така, според него, на вториот круг од претседателските ќе се оди и на предвремени парламентарни.

Но, од Бихаќка, ни вчера, до затворањето на весникот немаше одговор кога партијата ќе ја одржи седницата на Извршниот одбор за да изгради став по прашањето за предвремени избори, иако имаше најави дека тоа ќе се случи до изминатиот викенд.

Партијата на власт се уште ги крие и имињата на кандидатите за шеф на државата, па така ќе биде најверојатно до партискиот конгрес што треба да се одржи на 3 март. Во јавноста се погласно се зборува дека СДСМ на крај ќе излезе со Никола Димитров како кандидат за претседател на државата, на негово место би дошла сега актуелната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на нејзино место би заминал Стево Пендаровски, додека Оливер Спасовски, кој е во сериозна конкуренција за претседателски кандидат, би останал и натаму “прв полицаец”.

Претседателот на социјалдемократите и премиер Зоран Заев вели дека се уште е во игра и опцијата за заеднички консензуален кандидат со ДУИ.

– Ако најдеме такви личности тоа би бил вистински консензуален кандидат кој ќе ги имплементира политиките на ова модерно живеење, на 21 век со прогресот и просперитетот што Македонија го има и дополнително го очекува, тогаш вредно е да направиме напори да дадеме шанса да изнајдеме таква личност, рече Заев. Ги повика и ДУИ и БЕСА на Гаши и БЕСА на Касами, и другите помали партии да се приклучат на ова.

На огласот, пак, на ВМРО-ДПМНЕ пристигнале 10 кандидатури од кои една по истекот на рокот, по што партијата ги објави имињата на кандидатите од кои на конвенција на 16 февруари ќе изберат еден кој ќе влезе во трката за шеф на државата. Меѓу кандидатите, најзвучни се имињата на професорката Гордана Силјановска-Давкова и пратеникот Владимир Ѓорчев.
Од ДУИ велат дека имаат официјален став – на изборите може да настапат со свој кандидат, сепак, оставаат можност пред истекот на рокот за поднесување на кандидатурите да постигнат и друго решение. И некои од помалите политички партии најавија дека на изборите ќе одат со свои кандидати.

Вториот круг од изборите треба да се одржи на 5 мај. Согласно Изборниот законик, не треба да поминат повеќе од 90 и не помалку од 70 дена од распишување на изборите до денот на нивно одржување. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.