Покрај фламинга, наскоро и пингвини во скопската зоолошка градина

131

Фламинга од Зоолошката градина во Минхен ќе стигнат во скопската градина. Ова било договорено на средбата на директорите на двете зоолошки градини, Ѓорѓи Галетановски и Расен Бабан.

– Директорот Бабан ни вети дека во иднина ќе имаме силна соработка и нивна поддршка за наше членство во ЕАЗА. Исто така, на состанокот беше договорено минхенската зоолошка градина да ни обезбеди едно семејство од прекрасните фламинга – вели директорот на скопската Зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски на фејсбук.

Пред два месеци, директорот Галетановски договори фламинга да бидат донирани и од Зоолошката градина во Келн, додека од чешкиот град Либерец, во Скопје на пролет треба да стигнат зебри.

– Голема чест ни беше да бидеме гости во зоолошката градина во Келн,е дна од најубавите зоолошки во Германија. Имавме работен состанок со директорот Тео Вагел. Договоривме идна соработка. Ги разгледавме живеалиштата за пингвини и се надеваме дека во текот на годината ќе успееме да ги имаме во Скопје – напиша Галетановски на фејсбук.

За изградба на живеалиштата за зебрите и за фламингата, Град Скопје зеде кредит од Светска банка во висина од 10 милиони денари.