ПО СЕДМИ ПАТ ВО МКЦ: Концерти, филмови, изложби… за роденденот на уметноста

88

Младинскиот културен центар во Скопје на 17 јануари, со почеток од 18 часот, по 7 пат ќе го слави “Роденденот на уметноста” со повеќе културни настани. Во 18 часот ќе биде отворена изложбата на спектакуларни фигури од пластелин, изработени од 9-годишниот гениј Максим Цветановски, а ќе се одржи и работилница за деца во Детскиот креативен центар при МКЦ.

Во истиот термин стартува и бесплатниот филмски маратон/Љубовна филмска ревија во Џебното кино во рамките на кој ќе бидат прикажани филмовите “Викај ме со твоето име”” “Песна за песна”, “Изгубени во преводот” и “Казабланка”.

Во 20 часот ќе биде отворена изложбата од Музејот на раскинати врски кој по 11 години повторно доаѓа пред македонската публика. Ќе можете да ѕирнете во интимата на луѓе од разни краеви на светот, кои одлучиле да се збогуваат со својата поранешна љубов, ослободувајќи се и од некој предмет кој силно ги потсетува на неа.

Отворањето на изложбата на Сашо Димоски во Бифе е во 20:30, како и промоција на книгата „Радио“ на Љупчо Јолевски, која што ќе се одржи во салата Фросина. Концертите во салата “25 Мај” на нашите Матеј Фолтз, Плуто’с Доубтс, Јуне како и одличните Игралом од Србија се во 21:30 ч.
Манифестацијата завршува во 22 часот со поетскиот перформанс “Песнило 2019: Литература на вриење”, додека во 23 часот. на репертоарот е музиката за раскинување, или слатко горчливата сонична романса со опасниот диџеј пар – Виолета Качакова &амп; Мирко Попов.