ПО КРЕВКОТО ПРИМИРЈЕ, НИШТО НОВО: Израелската армија продолжи со нападите на Хамас во Појасот Газа

86
EPA-EFE/MOHAMMED SABER

По седум дена кревко примирје, Израел ги продолжи нападите врз Појасот Газа, но преговорите се уште траат за да се запре огнот.

За време на седумдневното примирје, палестинската екстремистичка група Хамас ослободи 110 од околу 240 заложници што ги зеде за време на ненадејниот напад врз јужен Израел на 7 октомври, а Израел ослободи 240 Палестинци од затвор.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја префрли вината на Хамас, велејќи дека го прекршил договорот за прекин на огнот со тоа што одбил да ослободи повеќе заложници.

Хамас не ги ослободи сите жени заложници како што беше договорено и утрото во петокот на 1 декември го нападна Израел со ракети, објави владата на Нетанјаху.

Израелската армија тврди дека Хамас ги прекршил условите на привременото примирје и дека истрелал ракета кон израелска територија непосредно пред крајот на примирјето утринава во шест часот по локално време.

Војската тогаш соопшти дека нејзините воени авиони извршувале бран воздушни напади врз цели на Хамас во Појасот Газа и наскоро ќе објави детали за тие напади.

Претходно, израелската војска соопшти дека пресретнала ракета истрелана од Газа рано утринава откако во израелските заедници се вклучиле сирените за воздушен напад, објави „Ројтерс“.