Пекар, лекар или аптекар? Гимназиите преполни, стручните училишта полупразни  

178

Министерство за образование и наука соопшти дека по првото пријавување за упис во средните училишта вкупно се запишале 11.826 ученици од кои 9.061 за настава на македонски јазик, 2.604 за настава на албански, 130 ученици за настава на турски јазик и 31 повторувач.

Вкупно се пријавиле 16.676 ученици од кои 11.636 за настава на македонски јазик, 4.707 за настава на албански, 302 ученика за настава на турски јазик и 31 повторувач.Конкурсот за запишување ученици е завршен за гимназиско образование во: „Јосип Броз Тито” – Битола; „Раде Јовчевски Корчагин” –  Скопје, „Никола Карев” – Скопје и во „Георги Димитров” –  Скопје.

Средните стручни училишта, како и со години наназад така и овој уписен рок, останаа со голем број на непополнети места. Интересот за изучување на стручно образование опаѓа секоја година. Како пример, во скопското средно стручно училиште „Лазар Танев“ само четири ученици се пријавиле да учат за пекари, шестмина се пријавиле за келнери, а пет за слаткари.

Голем број на непополнети места останаа и во средното стручно уличиште Димитар Влахов, кое нуди неколку смера како што се фризер, козметичар, графички техничар и месопреработувач.

Министерството за образование и наука за новата учебна година најави дека во сите средни стручни училишта ќе почнат да се реализираат новите наставни планови. Од први септември за стручното образование со четиригодишно траење предвидено е и воведување на учењето преку работа во трета и четврта година, како и зголемување на практичната настава и вежби за учениците.

Но, според интересот во првиот уписен рок, очигледно дека и овие најави од МОН, не вродија со плод. Младите сакаат и натаму во гимназија, со образложение дека се уште се млади и не знаат каде точно сакаат да се насочат во нивното натамошно образование. Затоа одбираат гимназија која им дава квалитетно образование после кое можат понатаму да студираат на кој факултет ќе посакаат.

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во еден уписен рок со три пријавувања, две во јуни и едно во јули. Првото пријавување и запишување на учениците се реализираше на 17 и 18 јуни, а второто пријавување и запишување ќе се врши на 24 и 25 јуни. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни 2019 година.
Квалификациското тестирање ќе се реализира денеска во СУГС Гимназија „Орце Николов” во Скопје (за гимназиско образование на македонски наставен јазик) , во СУГС „Д-р Панче Караѓозов” – Град Скопје (за стручно образование – здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик), во СОУ „Димитар Влахов” – Струмица (за стручно образование – здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик) и во средните училишта во кои се реализираат наставни планови и наставни програми за уметничко образование. Училиштата во кои ќе се реализира квалификационо тестирање, конечните ранг-листи ќе ги објават на 21 јуни 2019 година.Слободни места по вид на образование за второ пријавување има:
• во гимназиско образование 5.983 слободни места од кои:3.428 за ученици на македонски наставен јазик;2.189 за ученици на албански наставен јазик;326 за ученици на турски наставен јазик;34 за ученици на српски наставен јазик; и
6 за повторувачи.
• во стручно образование 17.275 слободни места од кои:11.589 за ученици на македонски наставен јазик;5.176 за ученици на албански наставен јазик;462 за ученици на турски наставен јазик; и 48 за повторувачи.

Во учебната 2019/2020 година се обезбедени вкупно 35.690 ученички места од кои 24.581 на македонски наставен јазик, 10.123 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик, соопшти МОН.